Местобљустителот на Киевската митрополија, Митрополитот Черновицки и Буковински Онуфриј го изрази своето сочувство по повод трагичните настани во Одеса. Во неговото обраќање се вели:
На 2 мај 2014 година во Одеса се случи трагедија. Погинаа повеќе од 40 луѓе, а околу 125 се повредени во судирите. Ги изразуваме нашето молитвено сочувство до семејствата и ближните на погинатите, и се молиме за оздравување на повредените.
Украинската православна црква упатува молба и барање до украинските политичари и другите внатрешни и надворешни сили да престанат со разгорување на пламенот на граѓанските судири во Украина. Немојте да го користите народот Божји и Црквата за свои интереси!
Го молиме Бога мирот што поскоро да дојде во нашата земја.
Го молиме народот на Украина, без разлика на неговата национална и верска припадност, да биде мирен и да не потпаѓа под провокации. Зарем малку крв се пролеа изминативе месеци, за да сфатиме дека само со мирни зборови, а не со сила, можат да се решат сите проблеми и судири?
Украина е наш заеднички дом! Да се молиме и да не се караме!
Го повикувам свештенството на Украинската православна црква да покаже умерен и одговорен пастирски став во овој тежок момент.
А мирот Божји и взаемното простување нека бидат во нашите срца.
+Онуфриј
Митрополит Черновицки и Буковински
Местобљустител на Киевскиот митрополитски трон
Извор: Pravmir.com