На 26 октомври годинава, на денот кога Црквата во Албанија го празнува споменот на светиот великомаченик Димитриј, во градот Берат на југот од Албанија беше осветена новата соборна црква посветена токму на св. вмч. Димитриј. Осветувањето го изврши Неговото Блаженство, Архиепископот на Тирана, Драч и Албанија г.г. Анастасиј, во сослужение со Неговото Високопреосвештенство, Бератскиот Митрополит г. Игнатиј и Неговото Преосвештенство, Епископот Амантијански г. Натанаил, како и повеќе свештенослужители од Албанската православна црква. На свечениот чин беа присутни и претставници од локалната власт и членови на албанскиот Парламент.
На крајот од службата за осветување, Архиепископот Анастасиј објасни дека „секој православен храм е место на мир и утеха за сите луѓе, без разлика на нивната вера. Тоа е место каде луѓето можат да Го најдат не само Бога, туку и самите себе. Истовремено, храмот е место на збратимување, каде луѓето може да се однесуваат едни кон други со почит. Понатаму, тоа е место на духовно подмладување и осветување. Место за славење на Бога, во кое вистината им сопостои на љубовта и убавината.“
Зборувајќи за важноста на новата соборна црква за животот на месното население, Неговото Блаженство нагласи дека „новата соборна црква во Берат, положена во самото срце на градот, од денес претставува една од неговите највни духовни клетки.“
Вкупната површина на катедралата е 527 m2, а нејзината висина е 22 метри. Камен-темелникот бил поставен во 1994 година, но поради тешките услови и епидемијата на колера во тоа време, нејзината изградба започнала во 2002 година. Во изградбата биле вложени 825 илјади евра, пари обезбедедни од меѓународни донатори. Од јуни 2014 година, вкупно 7 цркви беа осветени во различни делови од земјата: две во Тирана, и по една во Скадар, Поградец, Алико, Клисура и Берат.
Извор: Албанска православна црква