Во јуни годинава, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Кениски г. Макариј изврши осветување на нов православен храм во Туркана посветен на св. апостол Петар. Осветувањето на новиот храм се совпадна со поставувањето на камен-темелник за новиот храм на св. Николај во истата област. Во осветувањето учествуваа свештеници од Америка и Најроби.
Како што можеби е познато, во овој регион населен со членови на племето Туркана, веќе неколку години Православната Црква е зафатена со обемна мисионерска и евангелска работа. Предводник на оваа работа е Митрополитот Макариј, кој понекогаш патува со денови само за да стигне до Турканското Езеро кое се граничи со Сомалија и Етиопија. Пред неколку години, тој ги изврши првите заеднички Крштевања во самото езеро, и неколку катихети испрати во Патријаршиското училиште, кои подоцна беа ракоположени и денес богослужат во нивниот роден крај. Четирите свештенослужители имаат успешна работа, плод на нивната ревност, вера, смирение и вдахновеност.
Најголемите искушенија со кои се соочува населението е постојаната суша. При првата посета на Митрополитот, езерата и реките биле толку пресушени, што закажаното Крштение не можело да биде извршено. Луѓето биле очајни, но владиката отслужил молебен за испраќање на дожд и благословување на водите, по што започнале обилни врнежи од дожд. После неколку дена, тој бил замолен од домородците да се помоли за престанување на дождот, затоа што постоела сериозна закана од поплави. „Големи се делата Господови“, раскажуваат новопокрстените Христијани.
На парохјаните редовно им се дели храна, а обезбедени се и градинки и училишта за нивните потреби. Паралелно, се извршуваат ископувања и со Божја помош, денес локалното население има пристап до питка вода. Православниот мисионерски центар редовно испраќа обучувачи, волонтери и свештеници кои помагаат во катехизацијата и евангелизацијата на припадниците на ова племе.
Извор: Александриска Патријаршија