Не бој се, мало стадо
Драг отец К.!
Доказ за нашата праведност пред Бога е духот на мирот, кој Светиот Дух ѝ го дарува на праведната душа. Ти го немаш овој мир, што значи дека не си праведен. Tи се владееш од минливите впечатоци, а не ги истражуваш длабочините на Божјите судови, Светото Писмо и Црковната историја којашто сведочи за нив. Нема да се обидам да те смирувам убедувајќи те, ниту пак преку примери или со моето искуство, зашто во твојата душа го нема главниот извор на мирот: цврстата и непоколеблива вера во Божјата промисла и во фактот дека глава и начало на Црквата е Самиот Христос. Освен сомнежот, во тебе нема ништо друго.
Можно ли е Господ да греши, или можеби, да не владее со светот? Можно ли е токму оние кои воведоа ветришта на „слобода“ во Црквата да се единствените што се грижат за неа?
Секојдневните евангелски и апостолски четива ги имаат одговорите на прашањата што си ми ги поставил во писмото што ми го испрати. Се запрашав себеси, „можно ли е отец К. воопшто да не го чита Светото Писмо? Можно ли е своите сили целосно да ги троши читајќи модерни списанија?“.
Не сè што се случува во овој свет е откровение. Сè доаѓа и проаѓа, а притоа Второто доаѓање се приближува; според ветувањето, луѓето ќе ги спасуваат своите души до последните денови од овој свет. Некои ќе се спасат, некои ќе изгинат. Главното дело ќе биде: чување на верата. Нашите души и срца треба да се грижат за нашата вера, и за верата на оние кои ни се предадени во наша грижа. Стиховите „Верата те спаси, оди си со мир“ (Лк. 7, 50) и „Нека ви биде според верата ваша“ (Мт. 9, 29) постојано одекнуваат низ времето.
Без вера не може да има мир.
Секој се спасува според дарот што му бил дарен. Човечките грешки – твоите, моите, на членовите на Синодот, на Патријархот – ќе бидат поставени пред Божјиот суд. Но, Божјиот суд не е ист со човековиот. Колку ли пати се случува она што на загреаниот ум му изгледа како грешка, во соодветно време определено од Бога да се покаже како света работа, а работникот да биде крунисан со венец.
Каде се сите оние кои со нивните тешки обвиненија, со гнасни клевети и интриги болно го прободеа срцето на патријархот Тихон, ковејќи го на крст? Но, токму Спасителот му го дари овој крст, и потоа Истиот Тој ја искажа пресудата за жртвата: „Свет!“.
Судете за себеси! Во моите раце држев ужасни книги обвиткани во убави повези – сведоци за револуција и војна против Црквата.
Според Божјата волја, и светиите и грешниците го напуштаат полето на битката – и оние што граделе, и оние што рушеле. Можам ли јас или ти да искажеш суд за нивниот живот? Не, и повторно, не! Но, едно знам со сигурност: ќе мора да дадам одговор за себеси. Воглавно, ќе треба да одговорам дали го правам она што имам благослов да го правам, или не, и дали, како вистински роб Божји, се спасувам, и дали се спасуваат оние што ми биле доверени
Верувај ми, драг отец К., доколку сите овие „борци“ за вистината и чистотата на Православието би се наоружале со молитва и живот во Бога, тогаш Православието би заблескало во Русија. Но, има многу „борци“, и нивниот број сè повеќе расте, додека Вистината околу Себе собира мало стадо.
Црквата е столб и тврдина на Вистината. Јас и ти бевме предупредени на ова: „Не бој се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството.“ (Лк. 12, 32).
Нека Бог ни дарува и вам, и мене, пазејќи ја верата, и според неа живеејќи, да го стекнеме духот на мирот, и да влеземе во ова „мало стадо“ кое во Господа се спасува.