Екуменистичкиот богословски дијалог меѓу Руската православна црква и Финската лутеранска заедница ја допрела границата, а тоа бил различниот став во врска со правата на сексуалните малцинства. Финскиот Архиепископ Кари Макинен изјавил дека бил принуден да ги прекине планираните екуменистички средби откако остварил средба со рускиот Патријарх Кирил во Москва. Од страна на РПЦ-МП било побарано однапред да биде договорена изјава во врска со разговорите околу учењето за човекот – област во која неминовно би била разгледана и сексуалноста како тема.
– Ставот на нашата црква, која официјално не ја осудува хомосекусалноста, е таков што од нивна гледна точка тие не сакаат да го продолжат официјалниот екуменистички дијалог – изјавил Макинен.
Тој додал и дека руската страна сакала да се договори за осудувачка изјава во врска со хомосексуалноста, но дека лутеранската заедница е со поинаков став, и дека крајниот резултат од дијалогот не би требало да биде одреден однапред: „Разговори се разговори“.
Откако станало јасно дека однапред не може да се дојде до договор, Светејшиот Патријарх посочил дека разговорите не може да продолжат.
– Богословскиот дијалог е откажан, но соработката секако дека ќе продолжи на поинаков начин – изјавил финскиот лутерански Поглавар.
Лутеранството е државна религија во Финска. Повеќе од 70% од Финците се припадници на оваа заедница, и плаќаат „црковен данок“ за да го поддржат нејзиното постоење.
Извор: Правмир