Пасхален фатализам

"Пасхален фатализам"

Зад воскликот „Христос воскресна“ лежи неизбежниот факт дека секој еден од нас ќе воскресне.

Познато е дека пасхалниот поздрав „Христос воскресна“ во себе го содржи целото Евангелие, како збир на апостолската проповед. Тој поздрав е како оние кратки формули во математиката или физиката, во коишто се прикажани цели томови на научна работа во „збиен“ облик: доколку сакате да ја проширите формулата, да ги отстраните заградите и да ја развиете на табла, таблата може и да не ви стигне – но вие ќе се почувствувате полесно, ќе доживеете наплив на радост и среќа, дури ќе искусите и научна возбуда.

Ретко кога ги отстрануваме заградите од ова вообичаено „збиено“ Евангелие – „Христос воскресна“ – затоа што едноставно, многу е радосно да извикаме „Христос воскресна“, да се гушнеме, да го испееме Пасхалниот канон со детски ентузијазам заедно со целата црква, правејќи грешки, прескокнувајќи зборови, радосно врескајќи додека не ни осипне грлото. Фино и добро. Има нешто што одмара, па дури и смирува, во оваа пасхална полифонија.

Потоа следи едно изненадувачко откровение: „Христос воскресна“ е поврзано со мојот живот, со моето воскресение, со фактот дека еден ден секој еден од нас ќе може на целата вселена да ѝ воскликне, со неограничено торжество и нов глас: „Јас воскреснав! Жив сум засекогаш!“ Жив во животот на Спасителот, и воскреснат со Христовото воскресние – но сепак Јас, вистинскиот Јас, а не друг, јас сум оној кој воскресна. „Јас сам ќе го видам; моите очи, не очите на друг, ќе Го видат“ (Јов 19,27).

Има и нешто друго, што делува заплашувачки и разоружувачки, што го обеспокојува ова задоволство: јас не сум единствениот којшто ќе воскресне. Секој кој живее, или живеел ќе воскресне и ќе има живот. Очите на секој еден од овие луѓе – овие луѓе кои ќе воскреснат во своите тела – ќе Го видат својот Искупител и Воскресител. Ќе ме видат и мене, исто така. „Сава воскресна!“ „Навистина воскресна!“ „Андреј воскресна!“ „Навистина воскресна!“ „Ана воскресна!“ „Навистина воскресна!“

Сите тие ќе воскреснат – апсолутно сите. Дури и онаа дебела жена која секој месец ми го поплавува станот? – Бездруго. Дури и тој неранимајко кој ме наклевети пред шефот? – Секако. Дури и другар ми, кој толку безмилосно ме прелажа и ме исмеа? – И тој. Сите.

Дури и луѓето на кои се плашиме да им погледнеме во очи, и онаа девојка со којашто си исплашен да се сретнеш, и твоите браќа на кои им посветуваш многу малку внимание, и децата кои предолго чекаат на твојата љубов и гордост, и твојата мајка, чијашто љубов кон чоколади штотуку ја откри.

Нашите ближни се бесмртни. Тие се нашите вечни придружници. Осудени сме на нив. Тие се нашата судбина: ние со нив, тие со нас се осудени. Ова истовремено делува заплашувачки и разоружувачки. Нема каде да бегаме! Тие ќе бидат таму, во брачните одаи приготвени за нив – нивните лица, нивното суво кашлање, начинот на којшто џвакаат на трпеза, тоа нивно крчење.

Единствениот излез е да научиме да ги љубиме сега и овде. Да научиме овде – дома, в црква, на работа – како да се согласуваме со сите, за кога ќе им го видиме лицето и ќе им го чуеме гласот ќе ги љубиме, ќе ги прифатиме и ќе им простиме. Затоа, проповедниците на Евангелието, кои на сите народи и племиња им ја објавиле пораката „Христос воскресна“, продолжиле велејќи: „Гневете се, но не грешете: сонцето да не зајде во гневот ваш… Секое огорчение и јарост, гнев, викање и хулење нека бидат подалеку од вас заедно со секоја друга злоба; а еден спрема друг бидете добри, сочувствителни, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христа.“ (Ефес. 4, 26, 31-32).

Ова не се само етички максими или морални додатоци во христологијата на апостол Павле, туку најнепосредни последици од проповедта на Воскреснатиот Бог. Догмата на Христовото Воскресение е основа на христијанската етика. Единствено врз оваа основа етиката може да биде прифатена, сфатена и примена.

„Браќа мои вечни, браќа мои бесмртни!“ На овој начин великиот старец, св. Јустин Келиски, започнал едно од своите пасхални посланија.
Светите луѓе го увиделе овој застрашувачки, но и успокојувачки Пасхален фатализам. Никаде не можеме да се сокриеме од нашите ближни – иако утешува и тоа што и тие, исто така, не можат да се сокријат од нас. Осудени сме едни на други. И затоа, единствениот начин да ги прифатиме пасхалните новости е да научиме вечно да ги љубиме нашите вечни сопатници.

Архимандрит Сава Мажуко
Извор: Тавор бр. 2