Патријарх Кирил: „Да се биде свештенослужител денес, значи да се допрат најтешките и најголеми височини“

"Патријарх Кирил: „Да се биде свештенослужител денес, значи да се допрат најтешките и најголеми височини“"

На 26 октомври годинава, Неговата Светост, Патријархот Руски г. Кирил отслужи Големо осветување на црквата посветена на св. апостол и евангелист Јован Богослов во зградата на богословијата во Саратов, во која ја отслужи и првата Божествена Литургија. По Литургијата, Поглаварот на Руската Црква произнесе беседа во која говореше за блиската историја и искушенија со кои се соочувал рускиот народ и Црква, разгледувајќи го неделниот евангелски дискурс, параболата за Сејачот:

– Знаејќи ја оваа парабола, дали можеби не треба да го сееме семето насекаде? Зошто да го фрламе наоколу, на камења или меѓу трње? Но, параболата не ни дава инструкции како да сееме. Тоа значи дека сејачот, назначен од Самиот Бог треба да го сее семето по светот, треба да го сее насекаде. Тоа го сториле и апостолите. Тоа го сторил апостол Павле во Антиохија, Кипар, потоа во прочуените пагански градови во Мала Азија, како Листра, Иконија и Ефес, па во континентална Европа – Филипи, Солун, Атина и Коринт: дали апостолот го сеел семето на добра земја? Не, тој сеел на запустена земја – меѓу народи од друга вера, друга култура и други вредности. Но, сепак, апостолот посеал семе на неа… И не само што посеал семе, туку и ја обработувал почвата преку неговите беседи. А заминувајќи од местата каде што сеел, создавал и оставал христијански заедници, локални Цркви, кои требало да се грижат за подобрување на почвата, за корнење на трњето и плевелот, за семето да успее, да не изгине.

– Како и во времето на светите апостоли, локалните Цркви, основани од нив, ја продолжиле оваа мисија; сето она што сега го зборувам е задача на Црквата, особено на оние кои Господ ги праќа да сеат. А оние кои учат во оваа институција се идни сејачи. Ве молам, помнете дека ваша задача е да го сеете семето на Божјото слово насекаде, не на убави места, каде што вашите зборови и дела наидуваат на одобрување, туку насекаде. Секаде каде што можете. Но, треба да помните, исто така, дека дел од семето што ќе го посеете ќе падне на страна, на камен, во трње. Затоа, вашето сеење треба да биде придружено со вложување на голем напор за да ги смените животите на луѓето на подобро. Тука треба да соработувате со оние кои се волни да работат кон истата цел, за подобрување на почвата на животот на нашата нација, корнејќи го плевелот кој може да го уништи доброто семе.

– Да се биде свештенослужител денес, значи да се допрат најтешките и најголеми височини. Некои луѓе мислат дека мисијата на еден свештенослужител е ограничена на изведување на обреди и следење на надворешните црковни прописи. Во реалноста, пак, вашите дела се иднината на луѓето, иднината на срцата и умовите на луѓето. Сакам овие зборови да ги помните секогаш, мои драги студенти и професори, но и претставници на интелигенцијата, научници, воспитувачи, писатели, интелектуалци, политичари и бизнисмени.

Извор: Московска Патријаршија