За време на Неговата посета на Изборск, Патријархот Московски и Руски Кирил дал кратко интервју за медиумите, во кое говорел за неговата средба со десетгодишната Мила во П’сково-Печерскиот манастир. Минатата година, девојчето, кое израснало без родители, го замолило Патријархот да се моли за таа да најде мајка; веќе оваа година таа повторно се сретнала со Неговата Светост, но овој пат, заедно со нејзиното ново семејство.
Запрашан дали овој пример ќе инспирира и други семејства за посвојување на сирачиња, Поглаварот на Руската православна црква одговорил:
– Тешко е за мене да го проценам тоа; зависи од луѓето кои ќе ја чујат приказната на Мила – колку ќе ја земат при срце. Сепак, длабоко сум убеден дека кога правиме добри дела, особено кога за истото е потребна вистинска жртва, тогаш нешто мошне значајно се случува во нашите души. Се менуваме. Денес ги погледнав лицата на родителите на Мила – една млада двојка, Олга и Игор, кои имаат светли, ангелски ликоци. Ако едноставно погледнете на лицата на ваквите луѓе, сè ќе разберете. Дали други луѓе ќе смогнат сили да посвојат болно девојче и да го одгледаат? За да го направите ова, треба да имате многу добро, сочувствително срце.
– Верувам дека таквата добрина не исчезнала од нашиот народ. Едноставно, луѓето запаѓаат во секојдневниот метеж и често го губат ориентирот во нивните животи. Затоа би сакал да видам дека не само примерот на Мила, туку дека сите животни околности нè инспирираат да правиме добри дела.
На крајот од интервјуто, Патријархот нагласил: „Кога на нашиот народ му се случува некаква неволја, или на некој наш ближен – како што тоа се случи во Украина – дај Боже да ја сочуваме внатрешната сочувствителност. Се молам за ова. Сочувствителноста и пожртвуваноста го преобразуваат внатрешниот живот на човекот. Затоа, нашата Црква ќе стори сè што е можно за да ги зајакне ваквите чувства во нашите срца.“
Извор: Информативна служба на Патријархот Московски и Руски