Во соборниот храм „Света Троица“ во Т’билиси, Патријархот-Католикос на цела Грузија г.г. Илија II неделава се обрати со проповед насочена кон новинарите и „естаблишментот“, барајќи од нив да престанат со ширење на „пропаганда на смртта“. Во проповедта, Неговата Светост потенцираше: „Речиси секој ден се јавува дека еден човек убил друг, дека син си ги убил родителите, родители си го убиле чедото, и слични инциденти. И сето ова е прикажано како нешто неопходно. Би сакал лично да се обратам кон нашите медиуми, телевизии, кон нашите почитувани новинари и нашата Влада. Известувајќи за ваквите негативни настани, ние го трауматизираме нашиот народ.“
Според Патријархот, преку овие вести „даваме пример дека секој може да го направи овој голем грев. Затоа, можеби би можеле да изнајдеме начин да ги пренесуваме вестите за овие убиства колку што е можно поретко. Информирајќи ја нашата младина, нашите деца, за овие убиства, им покажуваме дека сето ова е дозволено. Затоа треба да се грижиме за нашиот народ. Гледајќи и слушајќи ги ваквите вести, народот доживува ужасен стрес. А тоа не треба да го правиме.“
Наспроти ваквите ужасни вести, Патријархот Илија нагласи: „Како што знаеме, постои доброто во светот. Многу добри дела се прават насекаде, вклучително и во нашата земја. Да го информираме народот за доброто, да го утешиме, да го охрабриме да прави добро. Правењето добри дела нè зајакнува и ни дава надеж за иднината. Се надевам дека конечно ќе сфатиме кои сме. Нашиот народ е од Бога избран. Ако не беше така, Господ немаше да нè обдари со толку многу благослови.“
Извор: Православие.ру