Патријархот Кирил ги повика руските граѓани да го следат примерот на нивните херојски предци

"Патријархот Кирил ги повика руските граѓани да го следат примерот на нивните херојски предци"

Во врска со санкциите наметнати на Русија, Неговата Светост, Патријархот Кирил ги повикал руските граѓани да го следат примерот на своите херојски предци. „Русија никогаш не се плашела од надворешните непријатели; ние секогаш сме ги победувале, дури и тогаш кога сме биле многу послаби. Она што е најстрашно за Русија, тоа е смутот во умот и срцето. Онака како што нашите предци умееле да го надминат помрачувањето на нивните умови, а тоа не еднаш се случило, онака како што умееле да ги мобилизираат своите сили за отпор пред секоја опасност, така и денешната генерација на просперитетни Руси не би требало да биде полоша од своите предци“, изјавил Свјатејшиот Патријарх по завршувањето на Литургијата на празникот на Казанската Богородична икона, на 4 ноември годинава.

– Денес се соочуваме со проблемот на надворешни санкции. Каква е нивната цел? Најпрво, луѓето да престанат да мислат за националното, и секој да започне да мисли само за себеси – појаснил Претстојателот на Руската Црква.

Според неговите зборови, најдобриот лек против ваквиот смут е будењето на националната свест: „За да го избегнеме помрачувањето на умот, никогаш не смееме од вид да го изгубиме нашето заедничко богатство. Денес живееме подобро од било кога после Револуцијата. Затоа, незначителниот пад на животниот стандард не смее да биде причина за губење на националната свест. Тоа е она за кое сите ние треба да се молиме и за што треба да размислуваме, и да се испитуваме самите себе“. На крајот Патријархот Кирил ги повикал верните да не го загубат чувството на „заедништво со народот.“

Извор: Интерфакс