Патријархот Кирил им порача на младите да не ја заменат реалната комуникација со виртуелна

"Патријархот Кирил им порача на младите да не ја заменат реалната комуникација со виртуелна"

Московскиот Патријарх Кирил ги предупредил младите пред екстремната заслепеност од социјалните мрежи, порачувајќи им да не ја заменат реалната комуникација со виртуелна:

– Целосното предавање на информацискиот, виртуелен свет со себе носи опасност од недостиг на вистинска меѓучовечка комуникација. Лесно е да се замисли следниот пример: млади луѓе седат во една соба и гледаат во нивните таблети. Никој не комуницира меѓу себе, а ако некој постави прашање, никој не го слуша. И, што се прави? Младите комуницираат на социјалните мрежи – истакнал Патријархот на отворањето на Првиот меѓународен форум на православната младина во Москва.

Според претстојателот на Руската Црква, кога вистинската комуникација е заменета со виртуелна, младиот човек е лишен од опитот на општење со вистинска личност: „Ништо не може да се спореди со искуството на вистинска комуникација со луѓето. Од секој човек зрачи одредена енергија. Понекогаш е доволно да погледеш во очите на другиот и да видиш јасен, мирен поглед и чиста душа; друг пат, пак, во неговите очи гледаме пеколен оган. А, може ли да ја почувствуваме оваа чиста душа на интернет, ако нашиот соговорник само ни зборува за тоа? Ќе го познаеме ли пеколниот оган во сликата и пораката што ни е испратена?“

На крајот, Патријархот нагласил дека не повикува на откажување од социјалните мрежи, туку само дека предупредува на соживувањето со нив до таа мера, што младиот човек би се ставил во ситуација да ги пропушти другите можности што му ги нуди животот.

Извор: Правмир