На 30 април 2015 г. на Дипломатската академија на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација била одржана торжествена церемонија на доделување на почесен докторат на Рускиот Патријарх г.г. Кирил. Претстојателот на Руската Црква се обратил меѓу присутните со благодарствени зборови, по што укажал на неколку современи проблеми со кои се соочува Црквата. Внимание било посветено и на претстојниот Сеправославен собор:
– Минатата година на средбата меѓу Претстојателите на Православните Цркви се договоривме во 2016 година во Истамбул да биде одржан Сеправославен собор. Навистина, има и еден важен услов: [Соборот ќе се одржи] доколку ништо не го попречи спроведувањето на овој проект. Овој услов е важен затоа што во светот се случуваат многу настани кои во себе носат одредена опасност во контекст на меѓуправославните односи. Доколку сè биде во ред, во 2016 г. Соборот ќе се одржи и на него, освен црковни теми, ќе бидат разгледани и прашања кои се однесуваат на односот меѓу Црквата и општеството, а во кои се согледува односот на Црквата кон современите проблеми.
– Во моментов се работи на уредување на документите што ќе бидат претставени на Соборот. Но, како и секогаш кога станува збор за важни историски настани, постојат струји и обиди да се влијае на настаните, а во дел од нив се вклучени и политички сили. Ние сме соочени со сето ова, особено во врска со кризата во Украина. Јасно ни е дека еден толку важен настан како Сеправославен собор не може да остане незабележан од политичките сили, кои денес активно се вклучени во настаните поврзани со Украина.
Извор: Московска Патријаршија