Св. Тихон Задонски: Пазете ги заветите што ги дадовте на Крштението

"Св. Тихон Задонски: Пазете ги заветите што ги дадовте на Крштението"

Светото Крштение е како врата преку која крстените влегуваат во светата Црква и стануваат сожители на светиите и свои на Бога (Ефес. 2, 19). И не само тоа, туку пред Крштението се откажавме и се заветивме:

1. Се откажавме од Сатаната и од сите негови зли дела. Сатаната е пакосен и зол дух. Бил создаден од Бога, но тој и на него сличните отпаднале од Бога, и од светли постанале темни, од добри, станале зли и пакосни. Неговите дела се идолопоклонство, гордост, прељуба, расипништво, сета нечистотија, убиство, хула и секој грев; тој е татко на гревот, и токму тој ги прелажа нашите прародители во рајот, наведувајќи ги на грев и богоотпадништво. Пред Крштението се откажуваме од овој пакосен дух и неговите зли дела.

2. Се откажавме, како повикани и обновени за живот вечен, од секоја световна суета, гордост и раскош.

3. Ветивме дека ќе Му служиме на Христос, Синот Божји, заедно со Отецот и Светиот Дух, во вера и вистина, и дека ќе чекориме по Него.

4. На тој начин направивме завет меѓу Бога и нас. Ние, кои се откажавме од Сатаната, ветивме дека ќе Му служиме на Бога и ќе Му бидеме верни. Бог, по Неговата бескрајна милост нè прифати, и во наследство ни го вети вечниот живот и Царството, омивајќи нè нас, од грев извалкани, во водите на Крштението. Тој нè осветува и нè оправдува, како што свештеникот му вели на секој еден којшто се крштева – „Се изми, се освети, се оправда“ (сп. 1Кор. 6, 11).

Возљубени Христијани, да се потсетиме на овие откажувања и завети, и да размислиме дали ги чуваме, оти, тешко е да Го лажеме Бога, и многу опасно е виновни да стоиме пред Него. Да се запрашаме, тогаш, дали некој од нас не се вратил на Сатаната, дали не се откажал од Христа и Го напуштил? Да се запрашаме на чија страна сме, на страната на Сатаната или пак, на Христовата? Човекот му служи и припаѓа на оној чијашто волја ја врши. Од Христа се откажува не само оној којшто се откажува од Неговото свето име и којшто не Го исповеда како Син Божји и свој Спасител, туку и оној којшто греши против својата совест и бесрамно ги крши Неговите свети заповеди. Ова е верата на Апостолите. Оти, апостолот вели, „тие зборуваат дека Го познаваат Бога, а со делата свои Го одречуваат“ (Тит 1, 16).

Гледате ли дека луѓето се откажуваат од Бога и со делата, а не само со своите усти?

Дали некој од нас живее блудно, и дали врши прељуба? – Тој се откажал од Христа.
Дали некој го мрази својот сосед, и сака да му наштети? – Тој отпаднал од Христа.
Дали некој краде? Дали го ограбува својот ближен? – Тој отклонил од Христа.
Дали некој го залажува или му ласка на својот ближен? – Тој повеќе не е Христов, туку преку сите овие нешта се приклонува кон непријателот на нашето спасение, и на тој начин не ги одржува ветувањата кои Му ги дал на Бога, а со тоа – Го лаже Бога.

Да ја испитаме, возљубени, нашата совест и нашиот живот. На чија страна сме, на Христовата или на онаа на Неговиот непријател? На странат на доброто, или на злото? Во лоното со спасените, или со изгубените? Оној којшто не е со Христа, е Христов непријател. Оти, и Самиот Христос рекол, „Кој не е со Мене, против Мене е“ (Мт. 12, 30).

Возљубени, да бдееме над себе и да бидеме со Христа во овој свет, како што се заветивме при Крштението: да бидеме со Христа тука, за да можеме да бидеме со Него и во векој што доаѓа, според Неговото ветување кое не е лажно: „Каде што Сум Јас, таму ќе е и Мојот слуга“ (Јн. 12, 26). Да Му служиме како на свој Цар и Бог, за на Денот на Судот да нè признае за Свои верни слуги, и да ни ги отвори вратите на вечната радост.

Чувајте ги заветите што ги дадовте на Крштението.

За да можеме да го исполниме сето она за коешто претходно говоревме, мора прво да се сетиме на заветите што ги дадовме при светото Крштение. И, иако не сами, туку преку нашите кумови, ги дадовме овие завети пред Бога, ветивме, и плукнавме на Сатаната, и на неговата гордост, и на неговите слуги, и неговите злодела, – и ветивме, ви велам – се заветивме да Му служиме на Исуса Христа, нашиот Господ и Искупител во верата и вистината, заедно со Отецот и Духот Свет.

Сетете се, Христијани, какви завети дадовме, и пред Кого. Тежок грев е да се излаже еден човек; колку неспоредливо потешко е да се лаже Бога? Бог не дозволува да биде поруган (Гал. 6, 7). Кога Христијанинот не ги одржува своите ветувања, тогаш каква милост треба да очекува од Бога, Кого Го излажал? Оној којшто ги пази своите ветувања ќе ја најде милоста Божја и Неговото Царство. Тој останува верен на Бога, и Бог ќе го чува по Својата милост и заштита како Свој. Токму за ова Му пее пророкот на Бога: „Со светиите Ти постапуваш свето, со невин човек – си благ, со чистиот – чисто, а со лукавиот – според неговото лукавство“ (Пс. 17, 26-26).

Христијани! Сите оние што вршат неправда и работат против својата совест не ги пазат своите завети. Тука спаѓаат блудниците, прељубниците, сите беззаконици, крадците, разбојниците, лукавите, подмолните, залажувачите и измамниците, хулителите и оние кои колнат, пијаниците, оние што постојано бараат вина, коишто мразат и се злобни; оние коишто живеат во гордоста и суетата на овој свет, и сите оние кои не се бојат од Бога. Сите тие Го лажат Бога и не ги запазиле своите завети, и не ѝ припаѓаат на светата Црква, иако истите тие можат дури и да одат во црква, и да се молат, и да се причестуваат со Тајните, и да градат цркви, да изгледаат како да се Христијани. И бидејќи сите тие ќе бидат страшно испитувани на Судот Христов, и ќе бидат измачувани повеќе и од неверниците и идолопоклониците, клонете се од овие дела, Христијани, и не ги подражавајте сите претходно споменати беззаконици, за да не бидете осудени со нив во вечниот оган на правдата Божја, кадешто црвот не гине, и огнот не изгаснува (Мк. 9, 44), туку со сите сили трудете се да живеете и делате онака како што словото Божјо поучува. Сеќавајте се на овие ваши завети, и тие ќе ве водат кон христијански живот, правејќи ви добро и одвраќајќи ве од секое зло. Доколку забележите дека не ги пазите овие завети, покајте се и одново започнете да живеете христијански, за да не стоите пред Бога во лага, и да не исчезнете со лажговците.

А на плашливците и неверните, на поганите и убијците,
на блудниците и магепсниците, на идолопоклониците и на сите што лажат,
делот им е во езерото, што гори со оган и сулфур; тоа е втората смрт.
(Откровение 21, 8)