На 22 јануари секоја година во Америка се одржува Марш за живот како реакција на годишнината од денот кога со судска пресуда бил легализиран абортусот во САД. Православните христијани од целата земја како и секоја година и годинава ќе се соберат во главниот град на САД за да учествуваат во Маршот за живот.
Неговото Блаженство, Митрополитот Тихон и Неговото Преосвештенство, Епископот Михаил ќе бидат едни од учесниците во овој марш, заедно со бројни јерарси, свештеници, ѓакони, богослови и верни. Сите тие ќе маршираат под транспарентот „Православните христијани за живот“. Планирано е пред Врховниот суд на САД претстојателот на Православната црква на Америка да произнесе молитви за жртвите на абортусот.
Неделата пред маршот, пак, 18 јануари, е назначена за „Недела за право на живот“. Во сите парохии и манастири на ПЦА ќе биде прочитано посебно архипастирско послание посветено токму на овој проблем.
Во Чикаго владиката Павле молитвено ќе ја одбележи десетгодишнината од „Маршот за живот во Чикаго“ во недела, 18 јануари, во 2 часот попладне. Викариот епископ Антониј од Антиохиската црква во Америка ќе се обрати пред очекуваните три илјади учесници од Илиноис, Висконсин и Индијана. Се очекува собирот да се распушти до 4 часот попладне.
Извор: Православна црква на Америка