Писма: Отец Јован Крестјанкин (1)

"Писма: Отец Јован Крестјанкин (1)"

Божјите луѓе нè напуштаат

Драги мои мали деца!

Како сирачиња станавте, не само вие, туку и сите ние. Божјите луѓе – оние кои со своите животи посведочија дека навистина се божји – се преселуваат на оној свет. Таквите луѓе стануваат сè поретки и поретки, и светот останува празен. Што ќе каже следната генерација за себеси сè уште не е јасно, но за сега немаме некакви добри очекувања да нè утешат.

Животот станува потежок, особено поради фактот што светот останува лишен од божји луѓе. Држете се за советите од мајка ви. Тоа не се празни зборови, туку златни зрна кои расцветуваат во вечна радост. Се молам за вас и за неа постојано, и кога беше жива, и штом дознав дека се упокоила. Нека нејзината молитва за вас пред Бога биде уште похрабра сега, отколку кога беше жива.

Бог нека ве благослови сите.

Само Бог е семоќен

Мили во Господа И. и Л.!

Се радувам на вашата радост. Грижете се еден за друг, и особено сочувајте ги трагите на Божјата милост во вашите сеќавања и срца, како нешто што може јасно да се види во вашиот живот.

Понатаму, не заборавајте го вашето духовно искуство, духовната борба со која се соочивте, и дека непријателот е можен, но само Бог е семоќен. Сочувајте Го Господа во вашите животи, и Тој ќе ве сочува вас.

Добрината и Божјата волја

Драг во Господа О.!

Го примив твоето писмо, и ја исполнив твојата молба за молитва. Сепак, судејќи според твоето писмо, ти си далеку од живеењето според Божјиот закон, иако си Православен. Општо гледано, добрината е добра карактеристика, но и таа треба да биде одмерена во светло на Божествената волја. На крајот од краиштата, Светлана живее во смртен грев поради нејзината добрина, и тоа ќе ја уништи.

Исто така: секогаш пишувај Го името Божјо со голема Б, оти Бог е изворот на нашите животи, и во нив мора да Го имаме Бога како основен темел.