Писмо од Свештениот Кинот на Света Гора до Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј

"Писмо од Свештениот Кинот на Света Гора до Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј"

Во редакцијата на веб порталот AgionOros.ru пристигнал текстот од посланието на Свештениот Кинот на Света Гора упатено до Вселенскиот Патријарх. Писмото, иницирано и напишано со посетата на Папата Франциск на Константинопол во ноември минатата година, е објавено дури сега. Во него, светогорците ја изразуваат нивната збунетост и вознемиреност во врска со случувањата во Константинопол, а особено разменувањето на целив за време на Божествената Литургија (да потсетиме, токму пред произнесувањето на Символот на верата, Патријархот излезе од олтарот, се упати до местото каде се наоѓаше Папата, и целивот на мирот го размени најпрво со него).

Понатаму во писмото, атонските монаси цитираат примери од богослужбените книги и делата на Светите Отци во кои се говори за еретичките заблуди на Латините. Покрај тоа, тие ги набројуваат многуте светогорски маченици кои пострадале одбивајќи „да се согласат со латинофроните“.

Следејќи го примерот на преп. Силуан Атонски, светогорските отци повикуваат: „Ѝ верувам единствено на Православната Црква: во неа е радоста на спасението на смирението Христово!“

Свештениот Кинот повикал на прекинување на богословскиот дијалог со римокатолиците, кои истрајуваат во нивната ерес. Таквиот дијалог, според нив, води единствено кон „збунетост меѓу верниците“ и нема никаков поинаков резултат. Тие на Патријархот му ја искажале и „својата вознемиреност“ и желбата „црковното единство меѓу сите православни христијани, и светогорски монаси, да остане непоколебливо“.

Во завршните зборови на своето писмо, „претставниците на сите атонски манастири со жалење и вознемиреност“ заклучиле дека, во случај да продолжи зближувањето со Латините, може да се повторат настаните од пред педесет години, кога во манастирите на Света Гора прекинало спомнувањето на Вселенскиот Патријарх Атинагора откако истиот ја отстранил анатемата врз папистите.

Извор: Православие.ру