Подготовка на Сеправославниот собор

"Подготовка на Сеправославниот собор"

Извештај на Светејшиот Патријарх Кирил
на Архиерејскиот Собор
на Руската Православна Црква
2 февруари 2016 година

извадок

Ние веруваме дека Црквата Христова е Една, Света, Соборна и Апостолска, како што за тоа јасно е кажано во Символот на верата. Црквата е една по својата природа. Многуте автокефални Цркви во светот се само форма на историското битие на Црквата која е најпогодна за остварувањето на нејзината спасителна мисија. Ние исто така знаеме дека донесувањето на решенија во Црквата, кои имаат значење за целата православна Полнота, секогаш барало учествување, ако не на сите православни архиереи, тогаш, во секој случај, на претставници од секоја Помесна Црква. Во тој случај, Вселенските Собори и некои други Собори од сеправославно значење, се јасен израз на единството на Црквата, на нејзината соборна суштина, одраз на нејзиното самосознание како едно тело во Христа (види Рим. 12, 5). При тоа, донесувањето на заклучоците од страна на Полнотата на Црквата на овој или оној Собор, секогаш се остварувало постепено и, како што покажува црковната историја, никаков Собор не може да Црквата да ѝ наметне свои решенија ако тие се отфрлени од Божјиот народ, ако немало општецрковно согледување на соборните правила. Затоа, ниеден Вселенски Собор не постанува таков само од фактот на неговото свикување: неговото реално значење постанува очевидно само после некое, понекогаш многу долго време.

Претстојниот Свет и Велик Собор на Православната Црква ние не го нарекуваме Вселенски. За разлика од древните Вселенски Собори, тој не е повикан да решава прашања кои се однесуваат на учењето на верата, зашто тие одамна се решени и немаат потреба од повторен преглед. Тој исто така не е повикан да внесува некакви новотарии во литургискиот живот на Црквата, во нејзиното канонско устројство. Притоа тој може, ако биде правилно подготвен, да стане важен фактор во зацврстувањето на меѓуцрковното единство и взаемните односи, а исто така да послужи за уточнување на оние одговори кои Православната Црква, на основа на своето многувековно Предание, ги дава на прашањата од современоста. И само во таков случај може да биде Сеправославен, ако во него земат учество претставители од сите општопризнати автокефални Православни Цркви.

Во текот на скоро целото последно илјадалетие, соборното општење помеѓу Помесните Цркви било отежнато. Една од причините за тоа бил фактот што во текот на многу столетија сите древни Патријархати се наоѓале под муслиманско владеење. И случувањата во XX век исто така не биле благопријатни за развивањето на меѓуцрковното општење: доволно е да се потсетиме на Балканските војни, на Првата светска волја, на револуцијата во Русија, која постави почеток на жестокото гонење на Црквата, на распадот на Османлиската империја и депортирањето на христијаните од Мала Азија, и на крај, на Втората светска војна.

Притоа, веќе во 1923 година во Истанбул, од страна на Константинополската Црква бил свикан Меѓуправославен конгрес, а во 1930 година – Меѓуправославна комисија за подготовка која заседавала во Ватопедскиот манастир на Атон. Тие први обиди за сеправославно взаемно дејствување се покажале неуспешни. Некои Помесни Цркви не учествувале во тие приеми, за Руската Православна Црква поради случувањата од тоа време, тоа било и невозможно. Работата на Меѓуправославниот конгрес во Истанбул поминала целосно во реформаторски дух на отфрлање на Преданието. Поради таа причина неговите решенија подоцна од никого не биле признати – освен решенијата за новиот календар кои биле примени од некои Цркви по цена на жалосните расколи кои следеле. (…)