Полската православна црква го враќа јулијанскиот календар

"Полската православна црква го враќа јулијанскиот календар"

Полската православна црква ќе се врати на јулијанскиот календар. Ваквата одлука била донесена на пролетното заседание на Архиерејскиот Собор одржан на 18 март годинава во резиденцијата на Митрополитот Варшавски и Полски, Сава, а причините за нејзиното донесување се гледаат во фактот што повеќе од парохиите на Црквата во Полска ги празнуваат празниците по стариот, јулијански календар. Со оваа одлука се укинува решението од 12 април 1924 година со кое Полската црква го вовела новиот календар, пишува православниот портал Sedmitza.ru. Според новото решение, Црквата ќе се врати на јулијанскиот календар на 15 јуни годинава. Соборот исто така одлучил парохиите кои сакаат да останат на новиот календар истото да можат да го сторат без никаков проблем.

На Соборот било разгледано прашањето на носење на моштите на св. Марија Магдалена, покровителката на Полската православна црква, во Варшава, каде што ќе пребиваат од 19 до 24 август 2014 година. Биле прегледани и извештаите од билатералната Православно-римо-католичка комисија за дијалог и биле разгледани другите екуменски прашања. Исто така, било одлучено да се продолжи работата со преводот на Требникот на полски јазик.

На крај биле донесени одлуки за годинешните одликувања на клирици и лаици на Полската православна црква по повод претстојното Пасхално торжество.

Извор: Pravmir.com