За седумнаесет години, бројот на руски жители кои се сметаат себеси за Православни пораснал за шеснаесет проценти, од 52% во 1997 г., до 68% во 2014, објавија социолозите од Фондацијата за Јавно мислење (ФЈМ).
Според истражувањето кое оваа фондација го спровела во втората половина од мај годинава врз 1500 испитаници во 100 градови и села во 43 региони, само 19% од Русите се сметаат за нерелигиозни, 6% за Муслимани, а 1% за неправославни Христијани (Римо-католици, Протестанти, Унијати, Баптисти и сл.).
Сепак, од 68% Православни Христијани, само 13% изјавиле дека одат во црква барем еднаш месечно, се причестуваат, ги знаат црковните молитви и читаат утрински и вечерни молитви.
Ситуацијата во Москва е малку поинаква: 29% од испитаниците одговориле дека делумно ги посетуваат православните богослужби, а 27% од нив дека мошне малку учествуваат во богослужбениот живот на Црквата.
Запрашани „Колку често одите во црква?“, 32% од испитаниците одговориле дека никогаш не одат во црква, 19% дека ги посетуваат православните храмови неколку пати годишно, 18% изјавиле дека одат еднаш или двапати, 14% помалку од еднаш годишно, а 8% секој месец.
Ситуацијата е уште полоша во однос на причестувањето – 63% од Православните Христијани ниту еднаш во животот не се причестиле, 10% се причестуваат еднаш или двапати во годината, а само 4% пристапуваат кон Евхаристијата повеќепати годишно, покажала спроведената анкета.
Слична е ситуацијата со постот: повеќето од испитаниците (76%) речиси и да не постат, 7% постат само за време на повеќедневните пости, 4% за време на постите и некои други денови, а само 2% постат според правилата на Црквата (повеќедневни пости, среди и петоци и определени денови пропишани од Црквата). Истовремено, 41% од Православните Христијани воопшто не се молат, 29% од испитаниците се молат со свои зборови, 13% истото го прават на свој начин, но и со молитвеник, а само 6% се упатени во црковните молитвени правила.
Вкупно 59% од Русите никогаш не го прочитале Новиот Завет или било каков друг христијански текст, а само 13% го читаат Евангелието одвреме-навреме.
Извор: Правмир