Послание до учениците и студентите од Кумановско-осоговската епархија

"Послание до учениците и студентите од Кумановско-осоговската епархија"
МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА – ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА
КУМАНОВСКО-ОСОГОВСКА ЕПАРХИЈА

ПОСЛАНИЕ

 

до учениците и студентите од нашата Свештена Епархија
по повод започнувањето на новата 2015/16 училишна и академска година

 

Во Христа возљубени ученици и студенти,

Ви посакувам успешен и доброумен почеток на новата училишна и академска година!

Бог сѐ уредил премудро. Благословил време за одмор, но ни дарувал и време за работа и учење, кога од нас се очекува да ги впрегнеме нашите умствени сили и да ги прошириме знаењата што ги имаме за светот околу и внатре во нас, да влеземе во дијалог со непознатото, за потоа овие знаења и искуства да ни послужат да растеме во службата и љубовта кон ближните. Зашто знаењето што го стекнуваме во училиштата и сеучилиштата својата смисла ја добива надвор од себе, тежнеејќи да одговори на егзистенцијалните прашања. Во спротивно, ако е неискористено, тоа може да стане извор на фрустрација и незадоволство, па дури и деструкција.

Затоа, во времето што ви претстои бидете ревносни во стекнувањето полезни знаења и вештини, трудете се и натпреварувајте се пред сѐ со себеси, за да бидете што е можно подобри. Натпреварувајте се и меѓу себе, но не како незнабожците: кој меѓу вас е подобар или повешт во нешто, нека им помогне и на другите тоа да го научат и совладаат, за сите заедно да Го славите Бога.

Возљубени деца на светлината, бидете будни и помнете го ова: знаењето кое го помрачува видот на духовните очи е незнаење, и образованието кое сака да го извалка образот на човекот е разобразование. Наспроти ова, вистинското знаење го облагородува човекот, исто како што вистинското образование го уподобува на Првообразот, Христос.

Бидете благоразумни и не дозволувајте да станете жртви на туѓи предрасуди пред и самите да ги испитате нештата. Покрај учењето и световните знаења, не брзајте да се откажете од Христос и Црквата, ниту од семејството и татковината. Дрвото кое заборава на своите корени брзо се суши и сече. Истото уште повеќе важи за нас, луѓето.

Го молам Бога оваа учебна година да ви биде исполнета со радост и успех, со здравје, како телесно, така и душевно и духовно, по молитвите на Пресветата Владичица наша Богородица, на светите рамноапостолни Кирил и Методиј, на нашите свети просветители и учители Климент и Наум, охридските чудотворци и на светиот Јоаким, осоговскиот чудотворец, закрилникот на нашата Епархија.

Бог да ве благослови вас, вашите наставници и родители.

Со сета моја љубов,
Вашиот Митрополит
† Кумановско-осоговски ЈОСИФ

Директна врска за спуштање во .pdf: Послание