Послание до учениците и студентите од Кумановско-осоговската епархија

"Послание до учениците и студентите од Кумановско-осоговската епархија"
МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА – ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА
КУМАНОВСКО-ОСОГОВСКА ЕПАРХИЈА

ПОСЛАНИЕ

 

до учениците и студентите од нашата Свештена Епархија
по повод започнувањето на новата 2016/17 училишна и академска година

 

Во Христа возљубени ученици и студенти,

Ви посакувам добар и сеуспешен почеток на училишната и академска година!

По завршувањето на летните безгрижни денови на одмор и игра, со Божји благослов започна уште една година на учење и дружење, но и заедничко растење и созревање во добродетелниот живот и полезните знаења. Поминувајќи го времето на училиште, или над книга, по училиште, се надевам дека Бог ќе ви дарува очи да видите дека во оваа битка за освојување нови знаења не сте сами.

Најпрво, тука се вашите соученици и колеги, со кои не треба да си завидувате еден на друг, туку взаемно да си помагате. Потоа, тука се достојните наставници и професори, кои треба да ги почитувате и уважувате, но и вашите родители и роднини, кои сиот живот го вложуваат во вас, за вие да се изградите во здрави, зрели и доблесни личности. Меѓутоа, не помалку важно е да не заборавате дека за време на вашето образование, над вас бдее и Црквата, која постојано на Бога Му принесува молитви за вас, за да одговорите на сите барања и успешно да ги постигнете целите што за вас се поставени.

Мили чеда на нашата Епархија,

Во ова време на предизвици, уверени сме дека Божјата милост и светлината на Христовото Воскресение ќе ве чува, води и раководи, и преку книгите, вежбите и задачите ќе ви се открие убавината на космосот и човекот во него, тајната на личноста и заедницата, но и светоста на животот, денес толку потценета. На тој начин, вашиот живот ќе добие осмислен од стекнатите знаења, а вие ќе го најдете своето место во сложувалката на нашето општество, издигнати над секојдневните соблазни.

Нека Бог ги благослови сиот ваш труд и напор во годината што претстои, изградувајќи ве во верата и вистината, преисполнувајќи ве со благодатта на Светиот Дух вас, вашите родители и наставници, и секој човек вклучен на патот на вашето образование, по молитвите на Почесната од Херувимите и неспоредливо Пославната од Серафимите Пресвета Богородица, на светите рамноапостолни Кирил и Методиј, на светите просветители Климент и Наум, охридските чудотворци и на светиот триблажен Јоаким, осоговскиот чудотворец и закрилник на нашата Епархија.

Со сета моја љубов,
Вашиот Митрополит
† Кумановско-осоговски ЈОСИФ

Директна врска за спуштање во .pdf: Послание