Послание до учениците и студентите од Кумановско-осоговската епархија

"Послание до учениците и студентите од Кумановско-осоговската епархија"
МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА – ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА
КУМАНОВСКО-ОСОГОВСКА ЕПАРХИЈА

ПОСЛАНИЕ

 

до учениците и студентите од нашата Свештена Епархија
по повод започнувањето на новата 2017/18 училишна и академска година

 

Во Христа возљубени ученици и студенти,

Ви посакувам добар и благоносен почеток на училишната и академска година!

Нека е благословен Господ Бог Кој и годинава благоволи по завршувањето на безгрижните летни одмори да отпочне уште една година на освојување на нови и проширување на веќе стекнатите знаења. И додека за некои од вас овој септември означува почеток на долгиот период на учење и образување, за други ова е почеток на последната година од истиот тој процес. Првите со свештен трепет зачекоруваат на оваа патека, спремни да ги вложат умните сили, но и дарот на времето во сложената задача на образовниот подвиг. Вторите пак, со истиот трепет очекуваат да се впуштат во течението на општествениот живот, оправдувајќи го времето поминато меѓу училишните клупи, ползувајќи се со сѐ досега научено и вложувајќи го за доброто на сите, како и на нив, самите. Секако, не ги забораваме и оние кои се на средината од оваа патека, и кои продолжуваат да се богатат во слово и знаење.

Сите вие сте ни дар од Бога, Негово исповедање на верата во нас, за што ќе треба да дадеме одговор пред Него, кога светиите ќе го судат светот. Нашата надеж, пак, и молитвa е дека вашиот долгогодишен труд е и ќе биде дел од една една мистична икона што се изобразува низ вековите, а чијашто цел е спасението на сите и на сѐ.

„Управи го срцето свое кон учење, и ушите свои – кон умни зборови, зашто знаењето е подобро и од најдоброто злато“, е поука запишана во
Библијата, поука што доаѓа од еден од најмудрите луѓе што некогаш живееле под ова сонце, светиот праотец и цар Соломон. Овие негови зборови се вистинити и денес, и сакам да ги запомните, особено во ова време, кога кнезот на овој свет преку басни и приказни се обидува да го прелаже вашиот ум и да ви ја наметне непостоечката нетрпеливост меѓу науката и верата.

Драги наши чеда во Словото Кое е Пат, Вистина и Живот,

Науката го проучува и го опишува светот во и околу човекот, и се труди да го разбере и објасни, а верата го гледа истиот тој свет и восхитено Му благодари на Бога што сѐ создал премудро. Затоа, ревнувајте да стекнете знаења што ќе бидат од полза и поука на сиот род човечки, а притоа не заборавајте да Му благодарите на Создателот и вистинскиот Дарител на секој дар, па и на знаењето, за во вашите срца да има и знаење, и вера, та да бидете достојни да се наречете христијани.

А Човекољубивиот Бог Троица, по молитвите на Пресветата Богородица и Секогашдева Марија, на светите просветители и учители на нашиот род православен, Климент и Наум, охридските чудотворци, на новопрославените светители Кипријан Слепченски, Гаврил Велички и Јоаникиј Ракотински, и на светиот Јоаким, осоговскиот чудотворец, закрилникот на нашата Епархија, нека благонаклоно погледне на вашиот труд и напор, на жртвите вложени од вашите родители и наставници, на молитвите произнесени од вашите најблиски, и нека ве преведе од мракот на незнаењето во светлината на познанието.

Со сета моја љубов,
Вашиот Митрополит
† Кумановско-осоговски ЈОСИФ

Директна врска за спуштање во .pdf: Послание