Послание до учениците и студентите од Кумановско-осоговската епархија

"Послание до учениците и студентите од Кумановско-осоговската епархија"
МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА – ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА
КУМАНОВСКО-ОСОГОВСКА ЕПАРХИЈА

ПОСЛАНИЕ

 

до учениците и студентите од нашата Свештена Епархија
по повод започнувањето на новата училишна и академска година

 

Во Христа возљубени ученици и студенти,

Ви посакувам успешен и благопријатен почеток на училишната и академската година!

Секоја година во септември со благодарност кон Бога гледаме како нашите училишта и факултети се полнат со нови генерации на деца и младинци, генерации кои за не многу години ќе бидат носители и чинители во сите сфери од животот на нашето општество.

Некои од вас годинава за прв пат ќе започнат да ги изучуваат буквите и бројките, формите и боите; други, пак, ќе продолжат сѐ подлабоко да ги истражуваат природните закони и научни теории, и да ги испитуваат економско-општествените текови и двигатели, како и далечните јазици и култури. Запознавајќи го светот околу и во вас ве уверувам дека просто не може, а да не Го насетите Оној Кој ве создал, вашиот Творец и Отец Кој им се открива на оние кои имаат очи да гледаат, и уши да слушаат.

Оти, сѐ во природата, во светот и заедницата, во историјата и културата, сѐ во и од човекот сведочи за Бога и Нему слава Му вознесува. Но, не на било кој бог, туку единствено на Триипостасниот Бог, откриен, објавен и предаден во лоното на Црквата Христова Православна, Кој сака сите да се спасат и да дојдат до познание на Вистината.

Најдраги деца во Тридневновоскреснатиот, знаењето и вештините со кои се здобивате во училиштата и сеучилиштата се дел од една посложена и посвештена димензија на вашето постоење. Тие ќе бидат јалови ако не ги искористите во полза на вашите ближни, на заедницата, на Црквата и на татковината, па дури и штетни, доколку од нив направите идол, или пак, погрешно ги искористите.

Ве потсетувам, исто така, да ги почитувате и да се молите за вашите учители, наставници и професори, и длабоко да ја цените жртвата што тие ја принесуваат водејќи грижа за вашето воспитување и образување.

Од срце посакувам и Бога Го молам сиот вложен труд и напор во оваа учебна година да ви биде успешен и спасителен, по молитвите на Пресветата Богородица и Секогашдева Марија, на светите просветители и учители на нашиот род православен, Климент и Наум, охридските чудотворци и на светиот Јоаким, осоговскиот чудотворец, закрилникот на нашата Епархија.

Бог да ве благослови.

Со сета моја љубов,
Вашиот Митрополит
† Кумановско-осоговски ЈОСИФ

Директна врска за спуштање во .pdf: Послание