Ерменскиот Патријарх испратил послание по повод 100-годишнината од Ерменскиот геноцид

"Ерменскиот Патријарх испратил послание по повод 100-годишнината од Ерменскиот геноцид"

Ерменскиот Патријарх испратил послание по повод 100-годишнината од Ерменскиот геноцид. Во него тој ја изразил надежта дека повикот за правда и вистина нема да биде замолчен, и дека секој ден во оваа, 2015-та година, ќе биде ден на сеќавање и посветеност на мачениците од ерменскиот народ кои ја прифатиле смртта пред да се откажат од нивната вера и народ.

– Пред едно столетие, кога расцепканата ерменска нација ја загуби својата татковина, народот од западна Ерменија се рассеа низ целиот свет, а Ерменците од истокот по цена на животот ги бранеа своите краишта пред турските напаѓачи, тешко беше да се замисли иднината на ерменскиот народ. Сепак, изгреа нова зора, и по благодатта Божја нашиот народ воскресна од мртвите. Нашата држава повторно беше воспоставена врз рушевините и остатоците, и беше изградена нашата „татковина на светлината и надежта, на науката, образованието и културата.“ Слава Ти, Господи, за неизречената слава Твоја. „Оти Ти, Господи, го благословуваш праведникот и со оружјето на милоста Своја го закрилуваш“ (Пс. 5,12). Полагајќи ја нашата надеж во Тебе, Господи, нашиот народ беше просветлен и зајакнат. Твојата светлина ја разгори бодроста на нашиот дух. Твојата сила нè водеше кон победи. Создававме, иако другите го уриваа она што го создадовме. Продолживме да живееме, иако другите ја посакуваа нашата смрт. Ти одлучи, Господи, дека нашиот народ, иако осуден на смрт, треба да живее и повторно да воскресне, за со него да совоскресне и совеста на човештвото и законот меѓу народите, за светот да се избави од пилатовата рамнодушност и подмолното турско негирање – се вели во посланието на Карекин II, ерменскиот Католикос и Патријарх.

Според извесните историски факти, во 1915 година отоманските Турци извршиле геноцид врз ерменскиот народ. Само во западна Ерменија биле убиени милион и пол Ерменци. Илјадници манастири и цркви биле осквернети и уништени. Државните институции и училишта биле разурнати, а културното и духовно наследство – опустошено. Годинава на стогодишнината од ерменскиот погром (23 април 2015 г.) за време на Литургијата, ерменската црква ќе ја објави одлуката за канонизација на своите чеда маченички пострадани „за верата и татковината“, а денот на празнување на нивниот спомен ќе биде 24 април.

Извор: Ерменска апостолска црква