На крајот од посланието до Римјаните, почнувајќи од 12-тото поглавје, св. ап. Павле започнува да дава практични совети. Тоа е карактеристична шема во посланијата на апостол Павле; започнува со благодарење и славословење на Бога (доксологија), продолжува со мало објаснување на тоа Кој е Бог и што Он сторил за нас (теологија) и дури тогаш преминува на совети за поведението, односно – одговара на прашањата поврзани со примената на теологијата во нашиот живот, со цел наше преображение и спасение (сотериологија). Еден од овие практични аспекти од христијанскиот живот со кои се занимава апостол Павле на крајот од посланието до Римјаните е постот. Но, тој не го вели она што повеќето од нас би го очекувале.
Во 14-тата глава, ап. Павле ги споредува оние што постат (што јадат само зелје) со оние кои „јадат сѐ“. Она што изненадува е дека св. Павле вели дека „немоќниот јаде само зелје“. Односно, немоќни и слаби се оние кои постат, додека другите „веруваат дека можат да јадат сѐ“, и не постат. Иако точниот историски контекст во кој пишува св. Павле не е литургискиот пост, сепак, Црквата одлучила овој текст да се чита на Литургијата во Сиропусната седмица, како модел за христијански литургиски пост: „немоќниот јаде зелје“ [секако, ова важи и за другите повеќедневни постови, м.з.].
Речиси целиот мој живот имав впечаток дека токму духовно силните се оние што постат. И секогаш кога го толкував овој стих употребував егзегетски трикови за да посочам дека овој стих не значи тоа што значи. Едноставно, со умот не можев да сфатам дека постот може да биде знак за слабост. На крајот од краиштата, Исус постел, апостолите постеле, великите Отци постеле. Како може постот да биде за слабите по вера?
Но, понатаму во 14-тата глава, св. Павле ја спушта топката и вели дека иако „нема ништо нечисто само по себе“, човек не треба да јаде ништо ако мисли дека на тој начин ќе го соблазни послабиот брат (што пости). Повторно, јас го толкував првиот дел од ова поглавје како да го означува токму спротивното. Тврдев дека се работи за реторика, со која се потврдува дека моќниот (и тука тврдев дека терминот е употребен иронично) треба да пости без разлика на сѐ, поради доброто на немоќниот (кој, пак, повторно – двосмислено е наречен немоќен). И така успевав да го протолкувам овој дел за да значи она што јас верував дека значи.
Сепак, пред некое време малку по малку започнав да станувам свесен за тајната на слабоста. Исус постел зашто бил слаб – ја зел врз Себе нашата слабост. Апостолите и светителите постеле зашто ја знаеле нивната слабост, поради нивната зависност од Бога, поради нивната слаба, променлива и непостојана личност. Во нивната слабост тие постеле, и постејќи ја нашле Божјата сила. Веќе не сметам дека св. ап. Павле двосмислено ги користи зборовите „слаб“ и „моќен“ во неговите посланија. Попрво, гледам дека св. Павле ни открива една тајна. Божјата сила најдобро се јавува во нашата слабост.
Интересен е советот од апостолот до оние кои не постат. Тој вели: „кој јаде, нека не го укорува оној, што не јаде“. Многу е лесно, па дури и човечки, природно, силниот да го презира слабиот. „Патерица користат оние на кои им е потребна патерица“, може да си речат (или помислат) силните во однос на слабите. Силните немаат потреба да постат премногу, да се молат премногу, да внимаваат на душата. И оттука, силните се во искушение да започнат да ги укоруваат оние чија верска ревност им делува преусилена. Навистина, силните можат да ги видат (или да мислат дека ги гледаат) многуте слабост на слабите кои постат и се молат внимателно, и поради нивните слабости да започнат да ги укоруваат. Св. ап. Павле затоа ги предупредува силните во верата да не ги осудуваат слабите, зашто токму кога човек е слаб, тогаш е силен.
За оние кои постат, св. Павле го дава овој совет: „Оној што не јаде, нека не го осудува оној, што јаде“. И тука апостолот е доста строг: „Кој си ти што му судиш на туѓ слуга?“ Секогаш кога некој човек што пости го осудува другиот, што не пости, тој себеси се става на местото што Му припаѓа на Бога, како Господар. Подобро би било човек воопшто да не пости, отколку да пости и да го осудува оној што не пости.
Можеби оние што не постат навистина се силни (или не), но оние што постат и им судат на другите се ставаат во улога на Бога како судии (грев кој не е многу далеку од себевоздигнувањето на Луцифер). Повторувам, подобро е човек да не пости, отколку да пости и да осудува.
Во првите манастири, под раководство на св. Пахомиј Велики, монасите имале послушание да ја покираат главата со покривало додека јадат, за на тој начин да не можат да видат што и колку јаде нивниот ближен. И за нас би било добро да постапуваме слично. Не велам да носиме раса додека јадеме, но советувам за темелна вредност да ги имаме зборовите на апостолот: „Не погубувај го со своето јадење оној, за кого Христос умре.“ Што мојот ближен јаде или не јаде, тоа не е моја работа. Кој сум јас да го судам Божјиот слуга?