Православна катихеза и поучување на деца

"Православна катихеза и поучување на деца"

Кога и да зборуваме за православната катихеза, особено онаа за деца, склони сме да размислуваме единствено од аспект на училишни лекции и посети на цркви, или изучување на симболи и информации, или пак присуствување на богослужби. И додека сето ова е важно, и треба да биде дел од православното христијанско поучување и воспитување на деца, би сакал да се обрнам на еден друг аспект од поучување на деца кој честопати е превиден, и кој добро го изложува светиот Јован Златоуст:

Сè нека биде на второ место по нашата грижа за нашите деца, нивното воспитување во науката и заповедите Господови. Ако уште на почетокот ги научиме на вистинско љубомудрие, тие ќе имаат поголемо богатство и слава од онаа што богатството може да ја понуди. Ако едно дете научи некој занает, или стекне високо образование за вносна работа, сето ова е ништо во споредба со уметноста на неврзаност кон богатствата; доколку сакате вашите деца да бидат богати, научете ги на ова: „Вистински богат е оној кому не му се потребни големи работи, или кој не се засипува со богатства, туку не бара ништо“.
21 беседа на Посланието до Ефесјаните

Да ги научиме момчињата од најрана возраст да бидат трпеливи кога неправедно страдаат самите, а доколку видат дека некој е онеоправдан, смело да притрчаат и да му помогнат на страдалникот според нивните можности.
За суетноста и вистинските начини на кои родителите треба да ги воспитуваат нивните деца, 66

Тука св. Јован јасно укажува дека најважни и најрани лекции на кои треба да ги научиме нашите деца се христијанските вредности. Внимавајте, јас не реков „морални“ или „семејни вредности“, туку „христијански вредности“. Овде се обидувам да појаснам дека христијанските вредности се различни од моралноста, и секако, од морализирањето.

Претходниот параграф на Златоустиот, на пример, ги поттикнува родителите да ги поучуваат децата да ја љубат мудроста повеќе од богатството, и духовноста повеќе од славата. Колкумина од нас ги учиме нашите деца на ова? Ние попрво ги тераме своите деца да станат богати и имотни, а не побожни и спремни за себеодрекување. Ние повеќе би сакале нашите деца да бидат лекари и адвокати, а не свештеници и монаси. Посреќни би биле кога би ги виделе како милионери, а не како милосрдни, смирени и скромни.

Кога станува збор за поучувањето на нашите деца за Православието во нашите училишта, треба да го надминеме учењето за обичаите и верската побожност (нешта за кои, најискрено, треба родителите дома и в црква да ги научат, а не на училиште). Наместо ова, нашите училишта треба да ги научат нашите деца што значи да се живее како Христијанин, како треба да се однесуваме кон нашите ближни и кон природата.

Секако, во средина на ова воспитување во добродетелите треба да биде Светото Писмо и библиските приказни. За жал, во денешно време децата растат без да знаат ништо од Библијата, и засрамувачки е што децата ни растат без да го слушнат Божјото слово и многуте прекрасни примери на добродетелност и светост од Светото Писмо. Библиското знаење е од основно значење за христијанскиот карактер на нашите деца и нивното воспитување. Како што пишува св. Јован Златоуст:

„Не мислете дека само монаси треба да ја читаат Библијата; децата кои се подготвуваат да зачекорат во светот имаат поголема потреба за познавање на Писмото“.
Беседа 21 на Посланието до Ефесјаните

Покрај Светото Писмо, нашите деца треба да се запознаени и со житијата [=биографиите] на светителите. За жал, пренесувањето на ваквите приказни од дедовците, бабите и родителите се нешто што се изгуби во минатото, и токму тука нашите училишта и цркви можат да им помогнат на родителите на кои, можеби, им недостига вакво познавање. Особено значаен е светителот – покровител на децата и на членовите на семејството [можеби именденот или домашната слава]. Повторно, по зборовите на Златоустиот:

„Имињата на светителите нека влезат во нашите домови кога им даваме имиња на нашите деца, за да ги поучат не само децата, туку и таткото, кога тој согледува дека тој е татко на Јован или Илија или Јаков; оти, ако името е дадено со мисла да се оддаде почит на оние кои се упокоиле, и нашето родство со праведните ни е поблиско отколку родството со нашите предци, тогаш тоа многу ќе ни помогне и нам, и на нашите деца. Иако е мала работа, да не гледаме на неа како на мала; нејзина цел е да ни помогне“.
За суетноста и вистинските начини на кои родителите треба да ги воспитуваат нивните деца, 66

Тажно е што наместо децата да ги учиме на добродетели додека се мали, а на религиски верувања во подоцнежна возраст, ние ги правиме нештата обратно, и се обидуваме да ги воведеме кон христијанските добродетели во нивната адолесценција, кога тие се премногу тврдоглави и бунтовни за да бидат поучувани на себеодрекување, трпение и смирение, и преголеми за сè уште да го посетуваат неделното црковно училиште. Како што нашите деца созреваат, нивното знаење за сите научни области се зголемува: наука, математика, јазици, литература, историја. Но, кога станува збор за религијата, знаењето никогаш не го надминува нивото на основно образование. Не е за чудење што многу од нашите млади го одбиваат Христијанството како детско. Како тинејџери, ние не ги подготвуваме нашите деца за светот; ние не ги подготвуваме за антихристијанската пропаганда што ги очекува, или многуте ученици и студенти – атеисти со кои ќе се спријателат.

Значи, ако сакаме да ги оспособиме нашите деца да држат до нивното Христијанско наследство и Православно Предание, и уште поважно, ако сакаме тие да одраснат како посветени Православни верници, прво мораме да ги научиме на добродетелите, на Светото Писмо, светителите, а потоа и на нашите учења и верувања и црковни обреди и обичаи. Несомнено, многу од нашите млади луѓе веќе нема да ги доживеат овие нешта дома, нема да учат од нивните родители, и затоа, покрај напорите што нашите училишта ги прават за да ги научат нашите млади луѓе, треба да се покрене иницијатива за поддршка и поучување на родители. Верувам дека ова е нешто што училиштата и учителите не можат да го направат сами. Свештениците и учителите, црквите и училиштата треба да работаат заедно за поучување и едуцирање на Православните Христијански семејства, младите и старите. Најважно училиште е семејството, и доколку не се поврземе со семејствата и не ги поучиме родителите, ги испуштаме нашите деца, и Црквата ќе продолжи да ги губи, ако не во безбожната и секуларна култура што нè окружува, тогаш во другите христијански цркви, дури и религии. И така ќе заклучам, уште еднаш со зборовите на св. Јован Златоуст:

„Во децата ни е предаден еден огромен долг. Тогаш, да се предадеме на голема грижа за нив, и да сториме сè, за злобниот да не ни ги украде од нас“.
Беседа 9 на Првото послание до Тимотеја

Архимандрит Василиј Папавасилиу

Излагање на 42-от Црковно-народен собор на Грчката православна архиепископија во Америка (јули 2014 год.)

Извор: „Тавор“ бр. 4