Пренос на моштите на св. свшмч. Василиј во Касториската Митрополија

"Пренос на моштите на св. свшмч. Василиј во Касториската Митрополија"

За време на Вечерната богослужба кон крајот на ноември годинава во селото Хилиодендро (Грција) биле пренесени моштите на малку познатиот свештеномаченик Василиј Карапликис, кој маченички пострадал од страна на муслиманите во 1902 година. Свештеномаченикот Василиј бил надалеку познат богобојазлив свештеник кој бил почитуван дури и од муслиманското население. Но, зависта на Турците-освојувачи кон неговиот свет живот била причина поради која тој подоцна бил убиен од куршум и секира, пренесува информативната страница Ромфеа. Во текот на сите 112 години од неговата маченичка смрт се случувале чуда и исцеленија преку неговото благодатно застапништво пред Бога. Црквата, грижејќи се за спасението на своите чеда, и сведочејќи ја светоста на свештеникот Василиј, го прибројала неговото име во диптихот на светите.

На 27 ноември годинава, Касторискиот Митрополит г. Серафим го извршил чинот на измивање на чесните свештеномаченички мошти кои, според сведоштвото на присутните верници, благоухале за време на целата Вечерна и чинот на измивање. Заедно со Митрополитот Серафим, измивањето го извршиле и Митрополитот Сисанионски и Сијастиски г. Павле и Митрополитот Врестенски г. Теоклит. Владиката Павле говорел за вредноста на крвта маченичка, а настанот го искористил и да се осврне на праксата туѓа на христијанскиот етос која денес сè повеќе се заговара во Грција, кремацијата: „Еве, пред нас се светите мошти и можете да видите дека човечкото тело не е утилитарен предмет за обработка, туку храм Божји.“

Настанот што се случил во малото село потсетувал на древните времиња кога христијаните ги измивале маченичките телесни остатоци и ги полагале под престолите во црквите.

Извор: Православие.ру