Во Јакутската Епархија сè повеќе етнички Јакути се преобраќаат во православната вера. Јакутија е крајно северна област во Руската Федерација.
Во интервјуто за една новинска агенција, г. Роман, Епископ Јакутски и Ленски, изјавил:
„Бројот на православни етнички Јакути значително се зголемува, што ме прави многу среќен. Поради оваа причина, го преведовме текстот на најважната богослужба, Литургијата, на јакутски јазик. Повеќе од една година, секоја недела служевме Литургија на јакутски. На јакутски служиме и во Веркневилјиск, Вилјиск и Сунтар“, забележа Владиката Роман.
Според него, во Јакутија се регистрирани 67 православни заедници.
„Не секаде се изградени црковни зданија. На некои места, самите заедници изнајмуваат градби, па дури и станови во стамбени згради. Но, 67 е навистина голем број“, дополни Неговото Преосвештенство. Тој исто така додаде дека во неговата епархија има и два манастири, еден машки и еден женски.
„Во нашиот Свет Покровски манастир, кој опстојува веќе 15 години, имаме 12 монахињи предводени од игуманијата. Во еден друг манастир, што го основавме во октомври минатата година, имаме тројца јеромонаси и тројца искушеници. Животот само што започнува, се обновува“, рече Владиката.
Изградбата на цркви во Јакутија ќе продолжи.
„Ќе го зајакнеме литургискиот живот, и преку него ќе ја засилиме социјалната дејност насочена кон помагање на болните, напуштените, осамените. Оти, парохијата не е само место за молитва, туку и место за сведочење на жртвената љубов, грижа и внимание. Во март тука ќе го одржиме и Третиот Конгрес на православната младина“, заклучи тој.
Извор: pravmir.ru