Преподобномаченичка Марија Париска и Равенсбрјушка

"Преподобномаченичка Марија Париска и Равенсбрјушка"

На 16 јануари 2004 година,
Вселенскиот Патријарх и Архиепископ Константинополски
во диптихот на светите ги вброи Марија Скобцова, нејзиниот син Јуриј,
и нејзините сотрудници – отец Димитриј Клепинин и Илија Фондамински

Житието на преподобномаченичката и мајка наша Марија изобилува со противречности, но сепак за многумина е извор на инспирација. Во него се обединети ликовите на една млада социјалистка – револуционерка, градоначалничка на еден руски град, прва жена – студент во богословија, двапати мажена и исто толку пати разведена жена, мајка на три деца, монахиња, слугинка на бедните, болните и бездомните парижани, заштитничка на Евреите од нацистите и конечно, една маченичка во концентрациониот логор во Равенсбрјук, Германија.

Преподобна Марија се родила како Елисавета Пиленко во 1891 година, во едно руско семејство од латвискиот град Рига. Нејзините родители биле побожни православни христијани, кои ја учеле младата Елисавета да Го љуби и да Му служи на Бога. Сето ова се изменило кога таа имала само четиринаесет години, и кога нејзиниот татко починал. За неа, смртта на татко ѝ изгледала премногу неправедна и нелогична. Одлучила дека нема веќе да верува во Бога, и на сите им кажувала дека е атеистка: „Ако не постои правда, тогаш и Бог не постои.“ За време на нејзините тинејџерски години, Русија се мачела со крајот на царското владеење, почетокот на револуцијата и доаѓањето на власт на комунистите. Елисавета се вљубила во ова револуционерно движење и како осумнаесет годишна девојка се омажила со еден член на Болшевичката партија. И макар што себеси се сметала за атеистка, сепак, гледаjќи го насилството, бедата и страданијата што револуцијата ги вовела во Русија, таа започнала да се сомнева во нејзината благонаклоност кон револуцијата. Малку по малку, нејзината љубов кон Христа и Црквата како повторно да оживеале и уште посилно се вгнездиле во нејзината душа. Елисавета започнала да го чита Евангелието и житијата на светите. Се пријавила да се запише во богословијата во манастирот на св. Александар Невски во Петербург, нешто што дотогаш се немало случено. И иако дотогаш во богословијата биле запишувани единствено машки ученици кои се поготвувале да станат свештеници, сепак, таа била примена во познатото богословско училиште.

Нејзиниот брак неуспешно завршил во 1913 година, кога, иако била бремена, се развела од нејзиниот сопруг. Враќајќи се на семејниот имот на југот од Русија, таа ја родила првата ќерка, Гајана, се зачленила во Социјал-револуционерната партија и во 1918 година била избрана за градоначалничка на Анапа, градот каде што живеела. За време на Руската граѓанска војна била уапсена, лежела в затвор, и ѝ било судено за соработка со непријателот. Благодарение на фактот што судија ѝ бил еден поранешен пријател, Даниел Скобцов, животот ѝ бил поштеден и не била осудена на смрт со стрелање. После судењето го побарала за да му се заблагодари, и наскоро се вљубиле еден во друг и се венчале. Веднаш потоа таа ги родила и двете деца, синот Јуриј и ќерката Анастасија. Со победата на Болшевиците во Граѓанската војна, Даниел и Елисавета одлучиле дека би било опасно да останат да живеат во Русија, и во 1923 година се преселиле во Париз, Франција.

Семејна трагедија

Една голема несреќа го снашло семејството Скобцови кога во 1926 година нивната петгодишна ќерка умрела од грип. Откако цел месец бдеела покрај креветот на којшто спиела ќерка ѝ, гледајќи ја како умира, Елисавета ги запишала следниве оплакувачки зборови:

„Кога умира некој когошто го љубиш, одеднаш се отвораат вратите кон вечноста, сиот природен живот се тресе и се урива, вчерашните закони престануваат, желбите избледуваат, смислата станува бесмислена, и друга, несфатлива смисла како крилја нараснува на твојот грб. Сè е проголтано од црната уста на свежиот гроб: надежи, планови, пресметки, а најмногу од сè, смислата, смислата на цел еден живот. Ако е тоа така, тогаш сè мора да биде преобмислено, сè да биде отфрлено, видено во неговата расипливост и лажност.“

После погребот на нејзината ќерка, Елисавета го преиспитала сиот свој живот. Сфатила дека Бог ја повикува да стане мајка на сите луѓе кои ќе влезат во нејзиниот живот. Почувствувала дека љубовта што ја имала кон нејзината ќерка треба да ја сподели со сите луѓе, особено со оние кои „имаат потреба од мајчинска нега, помош или заштита“, како што самата велела. И додека нејзиниот сопруг го издржувал нивното семејство возејќи такси, Елисавета сè повеќе се посветила себеси на социјална работа и богословско творештво. Можеби како последица на смртта на нивната ќерка, бракот меѓу Елисавета и Даниел полека се распаѓал и набрзо потоа тие се разделиле.

Елисавета добила работа во една агенција што им помагала на руските бегалци кои живееле во Франција, и од прва рака можела да ја види бедата и ужасот во кој живееле овие семејства. Оставајќи два распаднати бракови зад себе, таа трагала по нејзиниот вистински повик во животот. Со помош на надлежниот епископ, митрополитот Евлогиј, таа започнала да размислува за монашкиот живот. Но, неа ја влечел еден нов облик на монашки живот, еден облик кој ги обединувал молитвата и созерцанието со служењето на оние околу неа кои имале потреба од помош. И така, во 1932 година таа примила монашки потстриг, и ѝ било дадено името Марија. Митрополитот Евлогиј ѝ благословил да се посвети на еден нов вид на монашки живот, што таа го нарекла „монаштво во светот.“ Таа го отворила нејзиниот дом во Париз за да им служи на бедните, бездомните, очајните. Не била задоволна со тоа да чека оние во мака да ѝ заѕвонат на врата, туку самата патувала по улиците и сместувалиштата во Париз, трагајќи по оние на кои им била потребна нејзината грижа. Таа влегувала во местата во кои на другите им било страв да одат; наоѓала просјаци и пијаници, ги водела во нејзиниот дом, ги бањала, облекувала и хранела.

Таа била сосем невообичаен вид на православна монахиња, монахиња што многумина не би можеле да прифатат. Блажениот митрополит Сурожски Антониј од Лондон, ги напишал следниве зборови во врска со неговата прва средба со мајка Марија:

„Во нејзиното однесување, во нејзините постапки, таа беше една мошне невообичаена монахиња. Се вчудовидов кога за прв пат ја видов во монашка облека. Одев по булеварот ‘Монпарнас’ и таму видов, пред една кафеана, на масата една кригла пиво, а позади криглата, како седни една руска монахиња облечена во монашка облека. Се загледав во неа, и одлучив дека никогаш нема да ѝ се приближам на таа жена. Тогаш бев млад, и имав чудни и екстремистички сфаќања.“

Доаѓањето на нацистите

Последниот период од животот на преподобната Марија започнал со освојувањето и поробувањето на Франција од страна на германските нацисти. Иако имала можност да го напушти Париз додека германската армија напредувала кон градот, таа ја одбила ваквата можност: „Ако Германците го освојат Париз, ќе останам тука со старите жени. Каде би можела да ги испратам?“

На почетокот на 1942 година, нацистите започнале со запишување на Евреите. Одеднаш, Евреите започнале да тропаат на вратата од домот на преподобна Марија, молејќи го свештеникот, отец Димитриј Клепинин да им издаде лажни крштеници за да можат да се спасат. Отец Димитриј се согласил, и започнал да издава лажни крштеници со помош на мајка Марија, убедени дека Христос би го сторил истото. Кога пристигнала наредба од Берлин сите Евреи да се обележат со жолта ѕвезда голем дел од христијаните во Франција мислеле дека тоа не треба да ги загрижува, затоа што не станувало збор за христијански проблем. Тогаш Марија Скобцова им одговорила: „Не постои нешто како христијански проблем. Зарем не сфаќате дека се води борба против христијанството? Ако бевме вистински христијани, тогаш сите ќе ја носевме ѕвездата. Дојде времето на исповедниците.“

Во јули 1942 година започнало масовно апсење на Евреи – во Париз биле уапсени 12 884 луѓе, од кои 6 900 биле деца. Биле затворени на еден спротски стадион оддалечен еден километар од куќата на преподобна Марија, и оттаму требало да бидат пренесени во Аушвиц. Како монахиња, Марија можела да влегува и излегува од привремениот еврејски затвор, и таа цели три дена ги поминала меѓу заробените Евреи, носејќи им храна и облека. Успеала дури и тајно да изнесе неколку деца и да ги спаси, поткупувајќи ги ѓубраџиите да ги префрлат со кантите за ѓубре.

Набрзо домот на мајка Марија бил преполн од луѓе, од кои најголемиот број биле Евреи. Само чудо можело да ги спаси. Меѓутоа, таа не паѓала со духот, велејќи дека доколку некој дојде да ги изнесе Евреите од кај неа, ќе му покаже икона од Мајката Божја.

Сепак, се случило неизбежното и на 8 февруари 1943 г. нацистите ги уапсиле неа, нејзиниот син, отец Димитриј и нивниот соработник Илија. Причината била пронајденото писмо во џебот на Јуриј, преку кое некое еврејско семејство барало лажна крштеница од свештеникот. Отец Димитриј бил испитуван од страна на еден официр на Гестапо, Ханс Хофинан, и сочуван е дел од записникот во кој е запишано како течело испитувањето:

Хофман: Ако те ослободиме, ќе ни ветиш ли дека никогаш повторно нема да им помагаш на Евреите?
О. Димитриј: Не можам да направам такво нешто. Јас сум христијанин и морам да правам како што морам.
Хофман (му удира шлаканица на свештеникот): Јудеољубец! Како смееш да велиш дека помагањето на тие свињи е христијанска должност?!
О. Димитриј (држејќи го крстот над неговата мантија): Го знаеш ли Овој Евреин?
Веднаш потоа свештеникот бил фрлен на земја и претепан.

Монахињата и сите со неа уапсени биле испратени во концентрациони логори – мажите во Бухенвалд и Дора, а Марија во Равенсбрјук. Сочувано е едно писмо на Јуриј Скобцов:

„Благодарејќи на секојдневната Евхаристија, нашиот живот е целосно преобразен овде, и искрено да ти кажам, овде нема нешто на што би се жалел. Живееме братски со отец Димитриј и тој ме подготвува да бидам свештеник. Треба да ја разбереме Божјата волја. Потполно сум смирен, па дури и горд што ја споделувам судбината на мама. Што и да се случи, порано или подоцна сите ние ќе бидеме заедно. Можам искрено да речам дека ништо веќе не ме плаши… Молам секој кому сум му згрешил на било каков начин да ми прости. Христос нека биде со тебе!“

Сите четворица умреле како маченици и исповедници во концентрациони логори. Марија, Јуриј и Илија биле одведени во гасни комори, а отец Димитриј умрел од пневмонија. На Велика сабота во 1945 година, преподобна Марија го зазела местото на една еврејска жена и била внесена во гасна комора од каде што подоцна било изнесено нејзиното тело.

Марија не можела да пишува писмо до нејзините познаници, но затворениците што ја преживеале нацистичката голгота ги запишале нивните спомени од неа:

„Нејзиното влијание врз нас беше големо. Без разлика на нашата возраст или политички убедувања, сите ние ја љубевме мајка Марија. Особено внимание им посветуваше на младите затворенички. И макар што бевме одделени од нашите семејства, таа на некој начин ни подари семејство.“

Неколку поуки

Патот кон Бога минува низ љубовта кон ближните. На Страшниот суд нема да бидам прашана дали сум преуспевала во моите подвизи, ниту колку поклони и метании сум правела. Наместо ова, ќе бидам прашана дали сум ги нахранила гладните, дали сум ги облекла голите, дали сум ги посетила болните и затворените. Тоа е сè она за што ќе бидам прашана. За секој еден сиромашен, гладен и затворен човек Спасителот вели „Јас“: „Јас бев гладен и жеден“; „Јас бев болен и во затвор.“ Кога само ќе помислам дека Господ става знак на еднаквост меѓу Себе и оној кој е во мака… Секогаш го знаев ова, но сега некако тоа навлезе во моите коски. Ме исполнува со восхит.

Христос ни го даде ова вистинско учење дека Го среќаваме во секој еден сиромашен и несреќен човек. Да го запомниме ова и на сиромашниот и несреќен човек да му ја дадеме нашата љубов, оти тој само нам ни изгледа дека е сиромашен и несреќен, а тој всушност е Царот, и преку него нашите таланти нема да пропаднат, туку ќе ни се вратат стократно.

За време на богослужбите, ѓаконот не ги кади само иконите на Спасителот, Мајката Божја и светителите. Тој ги кади и луѓето-икони, иконите Божји во собраните луѓе. И кога тие излегуваат од црквата, тие луѓе остануваат исто толку икони Божји, достојни за кадење и почитување. Со луѓето треба да се однесуваме со автентична и длабока почит.“

Извор: „Тавор“ бр. 5