Проповедта на св. Јован Крстител

"Проповедта на св. Јован Крстител"

На крајот на Големата ектенија, наречена исто така и „мирна“, откако ги имаме спомнато Пресвета Богородица и сите Светии, свештеникот нè повикува нашите животи да Му ги предадеме на Богочовекот Христос. Денес ќе се фокусираме на изразот „со сите Светии“, а поради празникот на Отсекувањето на чесната глава на светиот Претеча и Крстител Јован, ќе се задржиме на него, зашто и тој е меѓу Светиите.

Светиот Јован Претеча го добил името Јован, што значи „дар од Бога“, од самиот Бог. Го нарекуваме Претеча, затоа што Му претходел на Христа и го подготвил патот за Неговото дело. Го нарекуваме и Крстител, затоа што тој бил удостоен да Го крсти Христа во реката Јордан. Тој е една голема личност пофалена од самиот Христос, Кој за него рекол: „Меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јована Крстител“ (Мт. 11,11).

Она што гледаме во Чесниот Претеча е последен пророк од Стариот, и прв пророк од Новиот Завет, зашто самиот живеел на границата меѓу Стариот и Новиот Завет. Тој е една прекрасна врска меѓу пророците и апостолите.

Sv-Jovan-KrstitelНеговата проповед е неодделна од онаа на пророците и Христа, зашто тој проповедал покајание. Тој велел: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (Мт. 3,2). Царството Небесно е Божјата благодат, откривањето на Христа како светлина, и учеството и заедницата на човекот во таа светлина. Покајанието е предуслов за заедница со Бога. Ова е сржта на проповедта на Црквата; не некакви површни зборови, не философии и мислења, туку насочувањето кон тоа како човек да се соедини со Бога.

Исто така, она што нè воодушевува кај св. Јован Претеча е што бил гласник на вистината. Тој говорел за Христа Кој е Вистина, и ги водел луѓето кон Вистината. Неговите зборови не биле површни, посредни и лажни. Тој ги разоткривал луѓето што му приоѓале исто како и Ирода, посочувајќи им го правилниот пат, воспоставувањето на правдата, но и тоа како да го израмнат нивниот живот со Законот Божји. Секако, ова последувало токму со неговото затворање и конечно, убивање преку обезглавување. Но, најважното нешто во нашите животи е правилно да ја почитуваме вистината.

Проповедајќи покајание и вистина, Претечата бил прославен и влегол во историјата, почитуван од сите христијани. Еден светогорец еднаш рекол дека кога она што е лажно е обединето, во суштина, тоа е поделено, додека – она што е вистинито, макар било поделено, сепак е обединето. Ова го гледаме и во животите на Светиите, и секако, во животот на Чесниот Претеча. Тој бил вистински [човек], тој бил во заедница со Вистината, Христос, тој ја говорел вистината, и до денес вистински живее во срцата на сите христијани, иако биолошки не е жив. Колку многу цркви се изградени во негово име! И навистина, денес сите христијани постат строго, на тој начин почитувајќи го Чесниот Претеча.

Ние мора да бидеме луѓе на вистината, а не на лагата; луѓе на едноставноста, а не на дволичноста и хипокризијата. Чесниот Претеча, после Пресветата, има голема смелост пред Христа, поради што мораме да го повикуваме да се застапува за нас, и да го подражаваме неговиот пример.

Митрополит Јеротеј Влахос