Претседателот на синодалниот Оддел за односи меѓу Црквата и државата на Московската Патријаршија, протојереј Всеволод Чаплин, ги повикал муслиманите и православните христијани да се обединат во борбата со заедничките предизвици. Тој апелирал до верниците да ја отфрлат „цивилизацијата на гревот, парите стекнати на зеленашки начин, а не преку работа, потрошувачкиот култ, диригираниот хаос, политичките и информативни манипулации, духовното ропство под паролите на слобода, и власта на поединците под велот на демократијата.“
Отец Чаплин нагласил: „Да, ние сме богословски различни, тоа е очигледно. Меѓутоа, нашите мисли во многу нешта се созвучни, па и еднакви, кога говориме за општествената положба, за перспективите на нејзиниот развој и задачите на верниците. Се соочуваме и со заеднички предизвици.“
Овие изјави биле дадени на Десеттиот меѓународен муслимански форум, на кој Претседателот на Одделот за односи меѓу Црквата и државата тврдел дека „муслиманите и православните треба да формираат единствен фронт за борба со човекоцентризмот, псевдохуманизмот, култот на грешникот во современата масовна култура и псевдоекономијата во која божем парите можат до бесконечност да прават пари.“
Извор: Московска Патријаршија