На 16 мај 2014 година, во Патријаршиската сала во рамките на меѓународен семинар се одржа состанок на Комитетот на претставници од Православната Црква во Европската Унија. Во присуство на Неговата Светост, Патријархот Даниил, беше разговарано за проблемите со кои се соочува современото семејство.
Патријархот одржа предавање на темата „Семејството во денешен европски контекст“, во кое меѓу другото, рече:
„Прво, додека размислуваме за современата криза на семејството, никогаш не смееме да заборавиме дека семејството пред сè е дар од Бога – Создателот на човештвото. Иако човечкото општество поминало низ многу искушенија и опасности, семејството секогаш било најстабилната институција која го осигурала континуитетот на човештвото низ историјата. Второ, мора да истраеме во напорите Црквата да го одбрани природното, традиционалното и универзалното семејство наспроти новите модели на семејства кои на ова гледаат како на еден меѓу мноштвото можни модели на семејство. Трето, засилувањето на соработката меѓу Црквата и државата во сите полиња што се однесуваат на социјалната, образовна и културна важност на семејството е императив, затоа што христијанската матрица на Европа е дел од нејзиниот идентитет, колку и да се запоставува тој факт денес. Четврто, ЕУ мора да го поддржи семејството уште повеќе поради сè понискиот наталитет, стареењето на населението и сличните фактори. Помагањето на семејството да ги надмине денешните кризи и помошта за младите брачни двојки мора да биде траен приоритет во европските социјални политики“.
Со слово пред присутните се обратија и Неговото Високопреосвештенство, Митрополит Француски г. Емануил (Вселенска Патријаршија) кој воедно е и модератор на Комитетот на претставници од ПЦ во ЕУ, г. Еуген Теодоровичи – Министер за европски фондови и г-ѓа Ангела Фиљоте, шеф на Претставништвото на ЕК во Романија.
Извор: Basilica.ro