Рождество Христово – Божик

"Рождество Христово – Божик"

На Божик, 7 јануари 2015 година, во митрополитскиот соборен храм на Свети Никола во Куманово, митрополитот Кумановско-осоговски г. д-р Јосиф отслужи света Златоустова Литургија, а верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

Нека се развесели небото, и да се возрадува земјата[1], вели светиот пророк и цар Давид, а ние повторуваме по него, зашто неможно е за човекот да ја искаже радоста и благоста што се раѓа во срцето од средбата со Богомладенецот Христос.

Таа радост не стивнува и после две илјадолетија, туку напротив, расте и се зголемува, и како да нѐ тера одново да повикаме: „Со нас е Бог, разберете, народи[2]“, покорувајќи Му се, и пеејќи Му на името Негово[3].

Великиот отец и богослов на благодатта, светиот Григориј Солунски (Палама), во неговата божикна беседа вака ја толкува тајната на воплотувањето Христово: „Со воплотувањето и раѓањето на Христа Месијата во светот, на светот му е дарувана вселенска радост и мир. Послушај ја до крај песната на Благовесникот, и ќе ја дознаеш – вели: »Слава на Бога во височините, и на земјата мир, а меѓу луѓето добра волја«[4]; зашто, Бог дојде во тело за на светот да му го донесе Својот мир и да го смири со највозвишениот Отец“[5].

НАВИСТИНА СЕ РОДИ!

[1] Пс. 95, 11
[2] Ис. 8, 9
[3] Сп. Пс. 65, 4 (Велики Прокимен на Рождество Христово, Литургија)
[4] Лк. 2, 14
[5] Св. Григориј Палама, Беседа изговорена на спасителното Раѓање по тело на Господ и Бог и Спасителот наш Исус Христос, гл. 12