„Граѓаните на Украина, оние кои веруваат, но и оние кои не веруваат, треба да смогнат сили и да ѝ одолеат на диктатурата што една група екстремисти ја наметнува врз нивната волја“, изјавил претседателот на Синодалниот информациски оддел на РПЦ, г. Владимир Легоида во интервју дадено за РИА-Новости, по повод забраната на украинските власти во градот Суми да биде одржана годишната крсна литија на празникот на Теодоровската икона на Мајката Божја.
Како што и се очекуваше, градските власти во Суми им забраниле на верниците од Украинската Православна Црква (УПЦ-МП) да спроведат масовна крсна литија на празникот на гореспоменатата икона, означувајќи го ваквиот црковен чин како „политички настан“. Една од причините за забраната е фактот што Теодоровската икона на Пресвета Богородица е тесно поврзана со Руското Царство, особено затоа што се смета за една од најголемите светињи на династијата Романови. Според политичарите, само тој факт бил доволен на литијата да се гледа како на провокација.
– Одлуката на властите на Суми – да се забрани одржувањето на една традиционална крсна литија – единствено може да биде толкувана како заплашување. Гледано човечки, стравот на градските власти од вооружените екстремисти е разбирлив. Секако дека луѓето се плашат за себеси и за своите најблиски, кои лесно можат да станат жртви на луѓето со спротивни интереси. Сепак, ваквиот инцидент е доказ за парализираноста на власта – истакнал г. Легоида.
Тој потсетил дека службата на УПЦ-МП „нема никаква врска со било каква политика“. – Очигледно е дека напорите за одржување на мирот од страна на Црквата неа ја прават лесна цел за оние кои не се навикнати да наидуваат на достоинствен отпор и сакаат да ги напаѓаат незаштитените, – го завршил својот коментар претседателот на СИНФО.
Извор: Православие.ру