Руската Црква потпиша договор со државата за спречување на абортусот

"Руската Црква потпиша договор со државата за спречување на абортусот"

Министерството за здравство на Руската Федерација на почетокот од месецов потпишало договор со Руската Православна Црква насочен кон спречување на абортусот и пружање привремена нега. Договорот бил потпишан од страна на Министерот за здравство, г-ѓа Вероника Скворцова и Патријархот Московски и на цела Русија г.г. Кирил, објави сајтот на Одделот за милосрдие и социјална служба на РПЦ.

Според членовите 9 и 21 од договорот, предвидено е остварување на соработка „околу заштитата на здравјето на мајката и детето, вклучително со репродуктивното здравје на мајката, промоцијата на семејните вредности и спречувањето на абортус“.

Потребно е да се преземат заеднички чекори со медицинските институции за „создавање на центри за кризи со бременоста, во кои ќе се вклучат психолози и претставници на Руската Православна Црква, кои во болниците и здравствените установи би ги советувале жените кои планираат да ја прекинат бременоста“. Предвидено е и отстапување на простор во постоечките здравствени установи за „информирање на трудниците за работата на различните оддели на РПЦ“.

Дополнително, двете страни се обврзале да преземат „заеднички напори за овозможување помош и поддршка на трудници чија пренатална дијагноза индицирала пречки во развојот на фетусот, како и за мајки чии деца имаат некаков вид попреченост“. Црквата се обврзала во соработка со Министерството да се вклучи во процесот на образование на идните здравствени работници преку обезбедување на едукативни материјали поврзани со основите на духовноста, но и олеснување на контактите меѓу здравствените установи и РПЦ.

Руската Дума размислува за носење на закон за ограничување на абортусот единствено на случаите кога процедурата е медицински потребна. Според статистиките, на 1000 новородени се случуваат 34 абортуси, и Русија сака да го намали овој број. Претходно годинава Патријархот Кирил побара целосна забрана за абортусот. Запрашан за новиот предлог-закон, тој изјавил дека народните пари не смеат да се трошат за убиство на деца.

Извор: Правмир