Читател: Се гадам од секуларизацијата на Божик. Како можеме јас и моето семејство да го постиме Рождественскиот пост и да го прославиме Божик без да западнеме во целата комерцијализација што го окружува празникот?
Речиси сѐ што може да се понуди како одговор на ова прашање е многу очигледно и едноставно, но е тешко за исполнување. За оние со семејства, препорачуваме да разговарате за овие нешта едни со други, и да се охрабрите во вашата единственост особено сега, кога сѐ повеќе се приближуваме кон празникот на Рождеството на нашиот Господ. Никогаш не е доцна за поставување на добар почеток.
Пред сѐ, постете! Доколку го пазиме постот, голем дел од она што светот периодов ни го сервира во нашите домови автоматски ќе го снема. Запомнете, постот не е ограничен само на храната, туку и на суетната забава исто така.
Имајќи го ова на ум, би сакале да нагласиме дека на постот не треба да се гледа како на некаква забрана: „не можеме да го правиме ова…“, „не можеме да јадеме она…“, „не можеме да одиме ваму…“. Наместо тоа, треба да го смениме нашиот однос кон самиот пост; постот е време за подготовка и духовен раст – и во ваквата перцепција нема никаква забрана!
Светот во којшто живееме постојано упаѓа во нашите најдлабоки животни сфери, напаѓајќи ги сите наши телесни сетила; а ова не е никогаш толку очигледно како во овој период од годината. Поттикнати сме да видиме, чуеме, пробаме, допреме и мириснеме секакви нешта кои би нѐ оддалечиле од нашиот пат кон Витлеем, за Рождеството Христово.
Секако, за оние коишто не се во брак и немаат деца нештата се полесни, барем што се однесува до она што треба да се прави за време на Божикниот пост. Ова е така затоа што целната група на рекламите од овој период се насочени директно на оние најранливите – на децата – рекламирајќи ги токму тие нешта што треба да ги избегнуваме. Меѓутоа, секое домаќинство е уникатно, и таа единственост треба да ја имате на ум кога се обидувате да ги остварите препораките кои би сакале да ви ги предложиме.
Оние коишто имаат деца се соочуваат со потешкотии во постењето со храна, затоа што постојат многу обилни, привлечни и секако, мрсни јадења коишто ни се фрлаат во лице. Тука помага подготвувањето на посебни посни рецепти во коишто ужива целото семејство, а кои ги служиме единствено во посни периоди.
Во текстов, сепак, не би сакале да се задржиме единствено на кулинарскиот аспект на постот; ќе претпоставиме дека сите оние што го читаат ова го пазат телесниот пост, кој секако, не е изборен.
Постот само од определена храна нецелосно ја претставува нашата подготовка за Рождеството. Постењето го вклучува и избегнувањето на (производите од) забавната индустрија – уште едно нешто што во изобилство ни се нуди во овој период.
Секако, секогаш можеме да ги избегнеме деловните прослави и забави, доколку искрено кажеме дека како православни христијани не започнуваме со славење сѐ додека не дојде самиот празник. Доколку пак, не можеме да избегнеме некоја забава, секогаш може да најдеме посни јадења за да не го прекршиме постот, предвремено наоѓајќи секакви оправдувања.
Постот е, исто така, време кога треба поусрдно да читаме и да се молиме. Празнувањето на многу големи светители се совпаѓа со посниот период: св. Варвара, св. Мина, св. Николај, св. Спиридон, св. Игнатиј, Св. Наум, да спомнеме само мал дел од нив. Да ги прочитаме нивните житија, и вистински да им се помолиме. Исто така, за време на овој пост славиме и неколку старозаветни пророци: да ги прочитаме нивните житија и нивните пророштва. Божикната катавасија се пее од 4 декември – без разлика дали пееме добро или не, да ги научиме зборовите и мелодијата, и секогаш кога имаме прилика, да ја потпевнуваме. Сето ова е многу убаво и го крева духот.
Таканаречените забавни „Божикни емисии“ на телевизија, како и бомбардирањето со реклами во коишто ни се посочуваат нешта што едноставно мора да ги имаме, или мора да ги купиме за да бидеме добри мајки, татковци, браќа, роднини, пријатели, се доволна причина за исклучување на телевизорот! „Божикните емисии“ се чини како да го потенцираат фактот дека „вистинското значење на Божик“ го вклучува сакањето, себедавањето (ставени во сендвич меѓу реклами со кои се разгорува алчноста), без при тоа да спомнат нешто за фактот дека Бог прими тело поради Неговата љубов за човештвото, со цел да го обнови изгубениот лик во нас!
И пред сѐ, да запомнеме дека ние започнуваме со славењето на Рождеството Христово тогаш кога светот околу нас завршил со прославата! На Бадник слушаме како неправославните и неверните луѓе велат „Ете, дојде уште еден Божик, фала Богу што помина!“. За нас, кои постевме и го исчекувавме Господовото раѓање цели 40 дена, славењето само што почнува, пеејќи божикни песни и утешувајќи ги нашите раслабени тела со побогата трпеза.
Да го прославиме празникот на Господовото Воплотување со духовна радост, наместо да се истрошиме во ехото од чувства на оние кои што се надвор од верата, и кои се радуваат дека овие – за нас свети – денови, доаѓаат до својот крај.
Христос се раѓа, славете! Христос (доаѓа) од небесата, пресретнете Го! Христос е на земјата, вознесете се; пеј Му на Бога, земјо, во радост пејте Го народи, оти се прослави!
Според материјали од http://orthodoxinfo.com.