Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Кога читаме евангелски извадоци за тоа како Христос го воскреснал мртвиот и го исцелил телото на човекот, ние ретко се замислуваме над тоа што означува човечкото тело за Самиот Бог, Кој со љубов го создал за вечен живот, и што треба тоа да означува за нас самите. Ако нашето тело не би му било драго на Бога, исто така драго и нежно љубено од Него, како и нашата вечна душа, Бог не би го исцелувал телото или не би се грижел за неговиот вечен живот после воскресението на мртвите.
И кога ние размислуваме за човечкото тело, било во врска со вечниот или со временскиот живот, било во врска со земниот или небесниот, ние можеме да си поставиме прашање: зарем ние не го добиваме нашето знаење за Бога или за создадениот свет преку телото? Од детството, од самото наше раѓање нежноста и љубовта ние ја познаваме преку посредство на нашето тело, многу пред да можеме нешто да постигнеме со умот. Потоа ние растеме во познавањето, мудроста, искуството; сé, со што владее нашиот ум, сé, што нашите срца ги прави толку богати, до нас достигнува преку нашите чувства. Апостолот Павле рекол: верата е од слушањето, а слушањето од словото Божјо… Убавината на човечкото лице, на светот што нé опкружува и на сé што човекот успеал да го создаде прекрасно и значајно, ние го воспримаме преку видот. И може и понатаму да ги набројуваме сите наши чувства, кои, како врата, се отвораат за созерцавање на убавината и смислата на создадениот свет, а преку него – за созерцавање на вечноста: на вечната Божја убавина која сјае во сето Негово создание.
Еве зошто со таква љубов Христос го извршил исцелението на телото; со тие исцеленија Бог со сета сила ја јавува вечноста на воплотеното битие. И затоа, кога некој умира, ние го окружуваме неговото – или нејзиното – тело со таква нежност и со такво благоговение. Тоа тело е создадено од Бога, во тоа тело Он ја вложил сета Своја љубов. И повеќе од тоа: Он Самиот стана човек, Самиот Жив Бог се облече во плот и нам ни јави не само дека човекот е така построен, така голем, така длабок, што може да се соедини со Бога, да стане причасник на Божествената природа, но дека самото наше тело е способно да биде Духоносно, навистина Богоносно. Колку е тоа зачудувачко! И ние исто така гледаме дека Својот вечен живот Бог ни го соопштува преку вештеството на земјата: преку водата на крштението кои стануваат извор на вечен живот, преку лебот и виното пронижани со Неговото Божество – и преку нашето тело ние се приопштуваме кон Самиот Бог во Неговите тајни. Колку е прекрасно нашето тело, и со какво благоговение ние треба да се однесуваме кон него! Во својот зачеток телото е свето; тоа е призвано кон вечно општење со Бога, исто како и душата. Тоа е возљубено од Бога. Не напразно апостолот Павле вели: „Прославувајте Го Бога и во телата ваши, и во душите ваши…“ Прославувајте Го: дајте Му на Бога да свети преку вашето тело, како што Он може да свети преку вашата душа; нека вашето тело биде такво, што допирот со него да би бил допир со Воплотувањето, со тајната на Бога Кој стана човек.
Да размислиме за тоа; зашто често – о, колку често! – ние не си даваме сметка за вечната убавина и величието на нашето тело. И толку често ние мислиме на смртта како за миг кога бесмртната душа стапува во Божествениот живот, а телото се распаѓа во прав; но тоа има вечен призив: тоа навистина ќе воскресне, како што воскресна Христос. И сите ние еднаш ќе застанеме пред Бога воплотени, со преобразено тело, како што е преобразено телото Христово, со душа обновена со вечност, и ќе општиме со Бога во љубов, во вера и во молитва не само со душата, но заедно со сето создание ќе станеме причасници на Божествената природа и со душата, и со телото: со душата и телото, кога, според ветувањето на Бога преку апостолот Павле, Бог ќе биде сé во сé, и ништо нема да остане надвор од Божественото општење, од Божествената Слава.
Колку е тоа прекрасно! Колку прекрасна тајна: телото, такво како демек кревко, такво минливо, во својот зачеток може да му припаѓа на вечноста и веќе свети со слава со светиите. Амин!
Митрополит Антониј Сурожски