Синајскиот манастир на св. Катерина цел на напади и прогонства

"Синајскиот манастир на св. Катерина цел на напади и прогонства"

Древниот православен манастир на св. вмч-чка Катерина лоциран на библискиот Синајски Полуостров повторно се соочува со прогон од страна на муслиманските екстремисти и локалните власти, ги пренесува порталот Linga информациите од Copts Today.

Арапските исламисти, кои водат полуномадски начин на живот во Синајската пустина, претставуваат главна закана по животот на монасите во манастирот, како и спомениците на култура и архитектонски дела лоцирани во манастирот.

Адвокатот д-р Ијхаб Рамзи, кој го застапува манастирот пред египетските органи на правдата, за новинарите изјавил:

– Од неодамна некои жители на областа Тала се обиделе да го преземат манастирот со упад, и успеале да ја разурнат портата и да киднапираат двајца монаси. Монасите морале да појдат со киднаперите и да им платат одредена сума за нападите да престанат. И покрај тоа, исламистите им се напаѓаат на свештениците и монасите со насилство, овој пат поради наводното противправно окупирање на манастирот од страна на монасите.

Според адвокатот, и покрај бројните поднесени жалби до судовите и правните тела во Египет, судските власти се оглушуваат и не реагираат, на тој начин станувајќи соучесници во прогонот. „Единствената псевдо-правна инстанца во пустината е судот на арапските племиња, кој востанови данок од 150 000 египетски фунти (околу 20 000 евра) за монасите“, додава правниот експерт.

Но, прогонот не запира тука. Муслиманите постојано повикуваат кон „исправање на неправдата“, односно враќање на територијата на христијанската населба Ојун Муса („Изворот на Мојсеј“) на Муслиманите, цитирајќи извадоци од Куранот. На ваквите повици египетските институции не реагираат, што Рамзи го толкува како молк пред обидите за прогонување на Христијаните од нивните вековни живеалишта, и уништување на самиот манастир на св. Катерина.

Според јеромонахот Григориј, до нив стигнал демарш од „Икхван“ (Муслиманското братство) со кој тие биле обвинети за изградба на нови објекти на територијата на манастирот, обвинение кое, според јеромонахот, е апсурдно, бидејќи се работи за градби кои потекнуваат од 6-от век, од времето на светиот цар Јустинијан I. Властите го прифатиле ова обвинение и издале 71 уредба за рушење на неколку цркви. Случајот е префрлен на Апелационен суд, и сослушувањето е закажано за ноември годинава.

Отец Григориј, на крајот од интервјуто, упатува апел до сите Христијани да се молат овој „скапоцен камен на Синајскиот Полуостров“ да опстои и да се одржи и понатаму.

Извор: Православие.ру