Од 29 август до 2 септември годинава, на покана на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, во црквата на Света Троица на плоштадот Таксим во Истанбул бил одржан Синаксис на архиереите на Вселенската Патријаршија. Вселенскиот Патријарх се обратил кон собраните архиереи (повеќе од 140 од целиот свет), говорејќи за развојот и предизвиците со кои се соочува Патријаршијата и Православната Црква во целина во изминатите неколку години.
Пред Соборот се обратиле и постарите митрополити кои говореле за црковните, пастирските и богословските инцијативи и служби, вклучувајќи ги одржувањето на претстојниот Свет и Велик Собор, работата на помесните Епископски Асамблеи (во земјите на ЕУ), Светскиот и Европскиот совет на цркви, богословскиот дијалог со Римо-католичката црква, Светската Лутеранска Федерација, Анкликанската заедница, Светската заедница на реформирани цркви и Старо-католичката црква.
Во работата на Синаксисот биле прочитани презентации на важни прашања: православниот одговор на биоетичките прашања, коренот и последиците на климатските промени, како и појавувањето на имиграцијата и пастирската служба на Црквата во хуманитарните бегалски кризи.
На 1 септември, на почетокот на Црковното новолетие според новиот календар, Вселенскиот Патријарх отслужил Божествена Литургија во сослужение на присутните јерарси.
Извор: Вселенска Патријаршија