На 12 септември годинава во манастирот Карајман во областа Прахова (Романија) се одржа синаксис на игумените и игумениите од манастирите на Букурешката Архиепископија. Темата на синаксисот беше „Односот меѓу покајанието и Евхаристијата – светлина на монашкиот живот“, а со него заседаваше Неговата Светост, Патријархот Даниел.
Во неговото воведно излагање, Патријархот нагласи дека покајанието е врата за Царството Небесно: „Лактанциј напишал дека Црквата која ја изгубила смислата за покајание веќе не е Црква. Една Црква без тајната на Покајанието не води кон спасение. Оттука, покајанието е повик од Спасителот, почеток на Евангелието.“ После неговото излагање, следеше слободна дискусија.
Следниот ден, учесниците се искачија на ридот Бучеџи, на местото каде е планирано да се изгради црква посветена на романските светители, на кое беше отслужен Акатист на Воздвижението на Чесниот Крст. Ден потоа, на самиот празник на Воздвижение (14 септември, н.ст.) беше отслужено преосветување на големата црква во манастирот Карајман од страна на Патријархот Даниел, а во сослужение со јерарси од Романската Црква и игумените присутни на синаксисот.
Извор: Романска Патријаршија