Редовно заседание на Синодот на РПЦ – МП

"Редовно заседание на Синодот на РПЦ – МП"

Свештениот Синод на Руската православна црква под претседателство на Неговата Светост, Патријархот Кирил, започна со првото редовно заседание за 2014 година. Средбата се одржува во Синодската хала на официјалната патријаршиска и синодска резиденција во Даниловскиот манастир во Москва.

Според портпаролот на Руската Црква, г. Владимир Легојда, за нов постојан член на Синодот е избран и местобљустителот на Киевската митрополитска катедра, г. Онуфриј. Патријархот Кирил поднел извештај за работата на одржаниот Синаксис на претстојателите на Помесните Православни цркви што се одржа овој месец во Константинопол, како и за посетата на Русија на Антиохискиот Патријарх Јован X.

На седницата билe разгледани аспекти од организацискиот живот на Руската Црква. Биле прифатени неколку молби за вомировување на активни архиереи, и биле избрани нивни наследници, но и викарни епископи. Исто така, биле формирани неколку нови епархии и митрополии.

Била разгледана и состојбата со Црквата и народот во Украина. Од своја страна, Руската Црква се заложила да стори сè што е во нејзина моќ за да се одржат братските врски меѓу Русија и Украина.

Во соопштението од работата на Синодот во врска со ситуацијата во Украина, меѓу другото, се вели:

„Собирајќи се денес на заседание на Свештениот Синод, уште еднаш апелираме до Украина, толку драга на нашите срца, и сведочиме дека Украинската православна црква последователно повикуваше и повикува на мир и молитва, без да зазема (за разлика од некои други религиски организации) една или друга страна во политичкиот конфликт. Нејзините верни чеда живеат во сите области на Украина, таа е најголемата верска заедница во земјата, го живее нивниот живот, и е покрај нив во моментите на потешкотии и маки. Во тоа се состои единственот карактер на нејзината социјална служба, бидејќи народот кој живее во Украина припаѓа на различни етнички, јазични и културни заедници, со различни политички погледи. Некои се грижат за максимална интеграција во политичките структури создадени од западноевропските земји. Други, пак, напротив, се обидуваат да ги развијат односите со народите од историска Русија, поради одржување на нивната изворна самобитна култура. (…)

Руската православна црква повеќепати повика за спречување на насилството, крвопролевањето и братоубиствените судири на украинската земја. За жал, не можевме да ги избегнеме трагичните настани; луѓе умираа, многумина беа повредени. Затоа денес, пак и пак, повикуваме кон секој оној кому му се драги народот на Украина и мирот во Украина: насилството не смее да продолжи. (…)

Вознесувајќи ги молитвите кон Господа со една уста, повикани сме да постапуваме според зборовите на светиот апостол Павле, „ве молиме да се однесувате достојно според звањето, за кое сте повикани, со секаква смиреност и кротост, со долготрпеливост, поднесувајќи се еден друг со љубов, трудејќи се да го запазите единството на Духот преку врските на мирот“ (Ефес. 4,1-3).

Извор: Patriarchia.ru