На 14 мај годинава се одржало заседание на Свештениот Синод на Грчката Православна Црква. Според грчката агенција „Ромфеа“, за време на заседанието, членовите на Синодот обратиле внимание на загрижувачките симптоми – јавните изјави на некои политичари кои ги повредуваат религиозните чувства на православните верници.
Најпрво се зборувало за протестот против литијата со Плаштаница на Велики Петок што го упатил лидерот на партијата Потами, С. Теодоракис. Литијата се одржала во населбата Ехинос, близу Ксанти (Тракија), населена со муслимани. Според новинарите, во литијата учествувале и православните војници распределени близу населбата, што особено го вознемирило локалното муслиманско население. Архиереите потврдиле дека мирниот соживот меѓу христијаните и муслиманите во Тракија има многувековна историја, а изјавите како таа на г. Теодоракис „култирвираат сепаратистички тенденции“.
Втората епизода била поврзана со коментарот на пратеникот од владеачката Сириза, г. Н. Филис, даден по повод пренесувањето на моштите на св. вмч. Варвара од Венеција во Атина. Според овој пратеник, честа што им се оддава на моштите била еднаква на паганство, а нивното поставување за поклонениe во болницата „Свети Сава“ – трговија со мошти.
Најдобар одговор на ваквите изјави дал самиот народ, кој во реки пристапил и учествувал во литијата и службите по повод пренесувањето на моштите, сметаат од Грчкиот Синод. Во соопштението од заседанието на Синодот, во врска со тоа, се вели: „Ние сме должни да се гордееме со нашиот народ, и да не го запоставуваме. Нашиот оптимизам за иднината се наоѓа во срцата на овие луѓе. Безгранично сме воодушевени и со почит гледаме на фактот што некои луѓе чекаа по 6-7 часа за да се поклонат пред чесните мошти на св. Варвара“.