Слово на Митрополитот Кумановско-осоговски, г. д-р Јосиф

"Слово на Митрополитот Кумановско-осоговски, г. д-р Јосиф"
изговорено на интронизацијата, во храмот
Свети Никола – Куманово, на 10. Ноември 2013 г.

Ваше Блаженство,
возљубени браќа архиереи,
сечесни отци,
браќа и сестри во Господа!

Пред сé, Му благодарам на Бога, што, еве, по Негова промисла и со благоволение на браќата архиереи, членови на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, јас недостојниот – избран за митрополит Кумановско-осоговски, ја доживувам денешнава радост. И нека ми биде исповед: со страв и трепет, седнувам на овој свештен трон, а примајќи го овој пастирски жезол, јас знам дека не примам власт, туку добивам обврска за служење.

Затоа, трепери мојава душа исправена пред товарот што треба да го носам и, како некогаш царот Давид, прашувам: кој сум јас, Господи, што толку ме воздигна1?

Обврската што во овој миг ја примам ги надминува моите сили; таа е подвиг што ниеден човек не може да го носи сам, или само со поддршка на малкумина.

И свесен сум дека денес, семилостивиот Бог и членовите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, ми товараат тежок крст, крст за чие што носење треба целосно самоодрекување и потполна посветеност на Црквата.

Но, спокоен сум и мојот поглед кон иднината е сигурен и извесен, зашто во подвигот на архиерејското служење, покрај помошта и милоста Божја, како најголема помош ќе ми биде молитвеното заедништво и соборното делување, во кое учествува целиот епископат, целата полнота на Црквата со сите разнообразни дарови на нејзините членови. Впрочем, и целиот живот и сета дејност на епископот им припаѓаат на Бога и на Црквата!

Затоа, иако ја знам својата недостојност, прифатив да се искачам на Горното место, место кое е предвидено за првоерархот на Кумановско-осоговската епархија, и смирено им се предавам на молитвеното застапништво на Пресвета Богородица, на светиот Николај Мирликијски, на светите Климент и Наум Охридските чудотворци, на светите Прохор Пчињски и Јоаким Осоговски и на сите светии пред престолот Божји. Нивното застапништво ми е утеха за зборовите на пророкот – проклет да е секој кој немарно го извршува делото на Господа2 , и знам, како вели апостолот, дека секому му се дава во него да се пројави Духот за полза3 .

Со такво разбирање и свесност, ја просам Божјата благодат која што ги исцелува човечките немоќи и ги дополнува недостатоците, зашто знам дека силата Божја во немоќта се пројавува. Службата пак што денес ја примам, најконкретно ја сведочи тајната на Црквата и на архиерејската служба, која целосно се открива во светата Евхаристија.

Крвта и Телото Христови, со кои денес се причестивме во светата Литургија, уште еднаш ја потврдуваат нашата заедница во Христа, бидејќи само во литургијата, како народ Божји собран околу својот епископ, стануваме Црква. Црква во која дише Светиот Дух и плови кон вечноста.

Меѓутоа, иако патуваме кон вечноста, ние остануваме длабоко вклучени во сите текови на земниот живот. Таквата духовна состојба, кога живееме на земјата, а престојуваме на небото, кога земјата е наша татковина, а на неа сме странци, постојано нè држи будни и свесни дека овој живот не е нашата крајна цел, и не може да биде мерило на вредности. Затоа мојата мисија ќе биде проповедање на црковните духовно-морални идеали и нивна примена во современиот живот, како и постојано сведочење за вистината и убавината на православието и негово вклучување во секојдневниот личен, семеен и општествен живот на секој човек.

Ќе настојувам да ги соединиме православната вера и евангелскиот морал со секојдневните мисли, очекувања и надежи, за да можеме да најдеме одговор на најсложените егзистенцијални, идејни и морални прашања на денешницата, која што нé обременува со постојани грижи, радости и жалости.

Само така нашата вера може да биде разбирлива и потребна, само тогаш секој човек ќе може да ја почувствува благодатта Божја, која ќе стане очигледна и посилна од секој збор.

Денес, возљубен народе, од ова место, кое што е центар на Кумановско-осоговската епархија, сакам да ве повикам на отворен и конструктивен дијалог, во којшто и ќе слушаме, но и ќе бидеме слушнати.

Само таквиот дијалог може да ги исфрли на површина мислите и убедувањата на секој поединец. Само преку тој дијалог, Црквата ќе се збогати со сознанија за тоа каков е современиот човек и кои се неговите потреби од Црквата. Само во тој дијалог ќе можат да се усогласат различните убедувања и ставови меѓу различните генерации, што ќе придонесе за добробит на Црквата.

Затоа, наша грижа ќе бидат душите на сите во доверената епархија, но особено ќе ѝ се посветам на младината, на која најмногу ѝ треба духовно раководење и вклучување во сите пори на црковниот живот. Во време на морална декаденција, различните пропаганди за безусловна „слобода“ во однесувањето, ги уништуваат душите на многумина, и ние не смееме да чекаме младината сама да се обрати и да Го најде Христа. Должни сме да им помогнеме изгубените да се најдат, истераните да се вратат, како вели пророкот4, да ги упатиме да ја најдат вистинската вера во Бога, и да ја откријат смислата на животот, за таа цел ќе ги употребиме сите средства кои ни ги нуди денешниот техничко-технолошки развој. Зашто ако сме повикани да стоиме на браникот на верата и духовноста, тогаш мораме да знаеме дека нашето оружје е нашата мисла, нашиот збор, нашите постапки и нашите дела. Млак човек не може да стои на браникот на идеалите, необразован човек никогаш, а особено во денешниот свет, не може да влијае на размислувањата на луѓето, човек што не поседува лично духовно искуство, не може ништо да им пренесе на другите.

За остварување на нашата мисија, особена духовна и морална помош и поддршка, очекувам од секоја христољубива душа во Кумановско-осоговската епархија. Зашто само во молитвена заедница и соборно делување, според силите од Бога дадени, секоја личност ќе може во сета нејзина неповторливост да си го пронајде своето место во организмот на Црквата.

Затоа денес смирено ги просам вашите молитви, та да се удостојам до крај достојно да го завршам подвигот, правилно раководејќи со словото на вистината, вистината, што ни е предадена од Христа Господа, преку светите Апостоли и Отците на Црквата, вистина којашто сме должни неизменета да им ја предадеме на тие што доаѓаат по нас. Тоа бара многу работа и голем труд.

За мојата досегашна и идна работа којашто ме очекува на нивата Господова, сакам особено да Ви се заблагодарам Вам, Ваше Блаженство, за довербата и поддршката.

Вашите совети, секогаш ќе бидат моја потпора и поткрепа во пастирската работа. Од денес во мене ќе имате искрен соработник, но ќе имате и уште една обврска повеќе.

Исто така Ви благодарам и вам браќа архиереи, кои што дојдовте молитвено да ја споделите со нас оваа духовна радост.

Особена благодарност искажувам и до свештенството на оваа Епархија, кое покажа духовна зрелост и одговорност по упразнувањето на епархијата. Ним сакам да им порачам, секогаш да се усовршувате и утешувате, да бидете единомислени и да живеете во мир – и Бог на љубовта и мирот, секогаш ќе биде со вас5.

Но, денес, исто така, совеста ми налага да се сетам и на блаженоупокоениот митрополит Кирил, за неговата пастирска грижа и советите за мудро управување со паствата Христова. Упатствата што ми ги даваше ќе ми бидат од голема полза во архиерејската служба и епархиската должност.

Ја користам оваа прилика да ви се заблагодарам вам, браќа и сестри во Господа, од Кумановско-осоговска епархија, вам, верните чеда од нашата Света Црква, коишто не жалевте труд и време да дојдете денес во Куманово, како и на сите коишто сакавте но не можевте да дојдете, кон сите вам, упатувам зборови со искрена благодарност и архипастирски благослов: Благодатта на Господа Исуса Христа, и љубовта на Бога и Отецот, и заедницата со Светиот Дух, да бидат со сите вас.

А, најголемата благодарност, секогаш Му припаѓа на Бога, за сите доброчинства направени за нас, зашто не се откажува да направи сé за нас, додека на небото не нé возведи, и царството идно не ни го подари.

Амин!

10 Ноември 2013 г. (Св. мч-чка Параскева – Петка Икониска)

1 1 Лет. 17, 16
2 Ерем. 48, 10
3 1 Кор. 12, 7
4 Ез. 34, 16
5 2 Кор. 13,11.