Свети Кирил Ерусалимски
XIV огласителна поука
24. Поредокот на вероучението потребува нешто да кажам и за Вознесението, меѓутоа, благодатта Божја устрои [така што] ти, преку снисходливоста на оваа благодат мошне доволно, колку што позволуваат и овозможуваат силите наши, за ова слушаше во очи денот на Господовото Воскресение, во настанот за којшто читавме и кој во себе веќе содржи кажување за Вознесението на Спасителот на небесата. Иако тогаш кажаното се однесуваше на сите присутни верници, сепак е упатено најпрво кон тебе [кој се подготвуваш за просветување]! Се прашувам, меѓутоа, дали потполно проникна во кажаното? Познато ти е дека редоследот на Символот на верата учи да веруваш во Воскреснатиот во третиот ден, Кој Се вознел на небесата и седнал оддесно на Отецот. Иако мислам дека ти внимателно чуваш и помниш сѐ што беше речено, сепак сега површно ќе го повторам реченото. Спомни си дека пишува во псалмите: Се издигна Бог при восклици1. Спомни се дека и божествените Сили велеле една на друга: Подигнете ги, порти, горништата свои2. Спомни си за зборовите: Издигајќи се на височина, плени плен3. Сети се на зборовите на пророкот: Он ги изгради своите горни дворци на небесата4. Сети се и на сѐ останато што синоќа ти беше кажано против Јудејците кои постојано противречат.
25. Бидејќи тие и Вознесението Господово го сметаат за неможно, ти присети се што е кажано за пренесувањето Аввакумово. Доколку можел ангел да го пренесе Аввакум држејќи го за косата од главата негова, толку повеќе Владиката, и пророкот и ангелот, кој на облаци се вознел од гората Елеонска, можел да се вознесе на небесата. Спомни си и за сличните чуда: првенство, секако, дај Му на Владиката Кој чуда твори. Сите тие беа носени, а Овој ги носи сите. Сети се дека Енох исчезна5, а Исус се вознесе. Сети се што беше кажано за Илија синоќа: земен е и вознесен на огнена кочија; Христовите кочии се на илјада илјади6. Илија бил вознесен од источната страна на Јордан, а Христос се вознел од источната страна на потокот кедарски; оној кон небото7, а Исус директно на небо. Оној прорекол дека Духот Свет на ученикот ќе му дарува сугуби дарови, а Христос во толкава мера им дарувал на Своите ученици благодат на Духот Свет, што тие не само што Го имале за себе, туку Го дарувале и на верните, положувајќи ги рацете свои врз нив.
26. Кога на ваков начин ќе спориме со Јудеите и ќе ги победиме во расправата со наведување на овие, и на нив слични, примери, тогаш да се обратиме кон возвишеноста на славата на Спасителот, поради што тие се слуги, а Тој е Син Божји. За таа возвишеност припомни си и кога ќе читаш дека Христовиот слуга, Павле, бил вознесен до третото небо8. Ако Илија достигнал само до првото небо, а Павле до третото, секако дека Павле е удостоен со поголема чест. Не срами се од своите апостоли. Тие не му се туѓи на Мојсеја, ниту помали од пророците; тие се добри меѓу подобрите, и уште подобри од подобрите. Иако Илија бил на небо вознесен, сепак Петар ги има клучевите од Царството Небесно и тој ги слушнал овие зборови: „тоа што на земјата ќе го врзеш, ќе биде врзано и на небото“9. Илија бил само на небо вознесен, а Павле и на небо и во рајот: слушал неискажливи зборови кои човек не може да ги искаже10. Павле е вратен од оваа височина не затоа што бил недостоен да остане на третото небо, туку за, откако сам се насладил од она што го надминува човековото поимање, да слезе во слава и Христа Го проповеда, за да потоа пострада за Него и прими венец маченички. Веќе нема да говорам за ништо што се однесува на овој предмет и што за тоа кажавме синоќа. За трезвените слушатели олку е доволно да се каже, и тие ќе сфатат.
27. Сети се и на сето она [за] што веќе многупати говоревме, за седнувањето на Синот оддесно на Отецот, за што по поредокот во Символот на верата се вели: „Кој Се вознел на небесата и седнал оддесно на Отецот“. Нема многу да расправаме за својството на престолот, оти за нас е тоа недостижно; нема многу да говориме ниту за забелешките на злонамерните кои тврдат дека Синот започнал да седи оддесно на Отецот дури по Распетието и Воскресението и вознесението на небесата, оти Тој не го добил престолот дури по извесно време, туку откога [и] постои. Тој отсекогаш постои како роден Син и седи со Отецот. И тој престол, до доаѓањето на Спасителот во тело го видел пророкот Исаија кој вели: „јас го видов Господа, седнат на престолот висок и издигнат…“11. Имено, Отецот никој никогаш не Го видел. Тој кој тогаш му се јавил на пророкот бил Синот. Псалмопеецот вели: „Твојот престол е утврден од почетокот на времето; Ти постоиш отсекогаш“12. За ова постојат многу сведоштва и докази, но поради краткоста на времето ќе се задоволиме само со кажаното.
28. Сега е на ред во неколку збора да проговориме за сето [она] што се однесува на седењето на Синот оддесно на Отецот. Сто и деветтиот псалм јасно вели: Му рече Господ на мојот Господ: „Седи од Мојата десна страна, додека ги ставам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои“. Спасителот, потврдувајќи го кажаното во Евангелието, вели дека Давид не го рекол ова самиот од себе, туку по вдахновение на Духот Свет: како Давид во Духот Го нарекува Господ, оти вели: „Му рече Господ на мојот Господ: Седи од Мојата десна страна…“13. Во Делата апостолски е кажано дека на денот на Педесетница Петар стоел со единаесетте апостоли и разговарајќи со Израилците со истиве овие зборови ги потсетил на сведоштвото кое се наоѓа во сто и деветтиот псалм.
29. Треба да се укаже и на други докази кои се однесуваат на седењето на Синот оддесно на Отецот. Во Евангелието по Матеј пишува: „Вистина ви велам дека отсега ќе Го гледате Синот Човечки како седи оддесно во силата…“14. И апостолот Петар вели во своето послание: „преку воскресението на Исус Христос Кој, одејќи на небо, седи оддесно на Отецот“15. Апостолот Павле им пишува на Римјаните: „Христос Исус умирајќи и воскреснувајќи, седни оддесно на Бога“16. A во посланието до Ефесјаните вели: „и колку е неизмерна величината на Неговата сила во нас, кои веруваме преку дејството на Неговата крепка сила. Таа сила Он ја покажа во Христа, кога Го воскресна од мртвите и Го постави од Својата десна страна на небесата“17. Колосјаните вака ги поучува: „ако сте воскреснале заедно со Христа, барајте го она што е горе, каде што Христос седи оддесно на Бога“18. Во посланието до Евреите пишува: „откако преку Себе ги очисти нашите гревови, седна од десната страна на престолот на величието во висините“; а подоцна: „А на кого од ангелите Бог некогаш му рекол: „Седи од Мојата десна стрна, дури непријателите Твои не ги ставам во подножјето на нозете Твои”?“19 И уште: „Он, принесувајќи само една жртва за гревовите, засекогаш седна оддесно на Бога, очекувајќи понатаму додека непријателите Негови не бидат ставени во подножјето на нозете Негови“; понатаму: „имајќи Го пред очи Началникот и Завршителот на верата – Исуса, Кој, поради Неговата идна радост претрпе крст, откако го презре срамот, и седна од десната страна на престолот Божји“20.
30. Постојат и други докази за седењето на Единородниот [Син] оддесно на Отецот, но за сега ќе се задоволиме со кажаното, спомнувајќи ви уште еднаш дека Он не ја добил оваа чест дури по воплотувањето, туку пред сите векови Единородниот Син Божји, нашиот Господ Исус Христос, секогаш го имал престолот оддесно на Отецот. Самиот Бог на сѐ, Отецот на Христос и Господ наш Исус Христос, Кој слезе и Се вознесе и седна заедно со Отецот, нека ги чува душите ваши и нека ја зачува вашата вера тврда и непоколеблива; нека ве воскресне од смртоносните гревови ваши и ве удостои со наднебесниот дар; нека ве удостои да бидете вознесени во облаците пресретнувајќи Го Господа во воздухот21 во најпријатно време; додека не дојде тоа време на второто и славно доаѓање Негово, нека ги запише имињата ваши во книгата на животот и запишувајќи ги, никогаш нека не ги избрише (на мнозина кои ќе отпаднат, имињата им се бришат); нека ве удостои со вера во Воскреснатиот и Вознесениот, и Оној Кој повторно ќе дојде, но не од земјата (внимавај, човеку, оти ќе дојдат измамници), Кој седи на височините и Кој се наоѓа сега заедно со нас, Кој го гледа обличјето и постојаноста на верата на секој од вас. Тоа што Тој сега отсуствува од нас со Своето тело нека не те збунува за да не помислиш дека Тој е отсутен и со Духот. Тој е меѓу нас; Тој го слуша сето она што ние Го велиме за Него, ги знае помислите твои и ги испитува срцата и утробите. Тој е и сега веќе подготвен на сите вас кои се подготвувате за крштение да ви Го претстави Отецот во Духот Свет и да рече: „ете ме Мене и децата кои ми ги даде Бог“22. Нека биде славата Негова во вековите. Амин.
Извор: „Тавор“ бр. 3
1 Пс. 47, 5.
2 Пс. 23, 7.
3 Ефес. 4, 8.
4 Амос 9, 6.
5 1Мојс. 5, 24.
6 Пс. 67, 17.
7 4Цар. 2, 11.
8 2 Кор. 12, 2.
9 Мт. 16, 19.
10 2Кор 12, 4.
11 Ис. 6, 1.
12 Пс. 92, 2.
13 Мт. 22, 43, 44.
14 Мт. 26, 64.
15 1 Пт. 3, 21, 22.
16 Рим. 8, 34.
17 Ефес. 1, 19, 20.
18 Кол. 3, 1.
19 Евр. 1, 3, 13.
20 Евр. 10, 12, 13; 12,2.
21 1 Сол. 4,17.
22 Евр. 2, 13.