Словото Божјо денес мора да има моќно и впечатливо онлајн присуство

"Словото Божјо денес мора да има моќно и впечатливо онлајн присуство"

Брзиот развој на информациската технологија минатите две децении навистина донесе неочекувани резултати за какви што не би можеле ниту да сонуваме во седумдесетите, па дури ни во осумдесетите години [од минатиот век]. Интернет, електронска пошта, веб-ресурси, социјални мрежи: сите тие се дел од нашиот секојдневен живот, работа, наука, образование, уметност и забава. Интернетот ни дозволи да ја намалиме, или дури и да ја укинеме оддалеченоста [меѓу нас]. И така, вестите можат да бидат пренесени од едниот крај на светот до другиот за само неколку секунди преку интернет – сите сме го доживеале ова. Денес лесно се прават разговори, понекогаш дури и „очи во очи“, без разлика на растојанието [меѓу соговорниците]. Единствен услов е корисникот да има пристап до интернет. Навистина, толку е лесно да се користи интернет што секое дете, и секој постар човек може лесно да го користи.

На овој ист начин и Словото Божјо може да се пренесе било каде во светот. Така, ова што сега се случува овде во Атина пред публика од 100 луѓе, може да биде снимено и испратено на илјадници, или дури и милиони корисници, па дури и да се пренесува во живо, како што е случајот со нашата конференција.

Но ние треба да сфатиме дека Словото Божјо не е само човечки говор, туку дека [тоа] е носител на Божествена Енергија која може духовно да го оживее човека и вистински да го утеши – и ова може да се случи преку интернет. Познати ни се многу случаи кога најразлични луѓе – атеисти, идолопоклоници од Индија, Јапонија и Непал – го откриле православието преку интернет и биле родени одновo, затоа што ја нашле вистината по која трагале во овој живот; Го нашле Христа.

Старец Ефрем Ватопедски

Неодамна холивудскиот глумец Џонатан Џексон го посети нашиот манастир. Го прашав како станал православен. Тој ми кажа дека интернетот многу му помогнал. Од друга страна, благодарение на интернетот, кон Бога се враќаат христијаните кои претходно Го напуштиле Бога, се пронаоѓаат себеси и го наоѓаат своето место во овој свет. Има луѓе кои се нашле на самата граница од апсолутната фрустрација и, откако слушнале некои [духовни] разговори на интернет, пронашле духовна сила и надеж, и сега духовно се развиваат.

Се разбира, православното Слово Божјо на интернет е помалку присутно во споредба со другите слова. Кога говорам за други слова, мислам на науката, економијата, политиката, па дури и другите појави како модата, шоу-бизнисот, или некои други, изопачени извори кои, за жал, честопати се посетуваат. Ми се чини дека Словото Божјо денес мора да има моќно и впечатливо онлајн присуство. Мнозинството луѓе денес се дезориентирани, доведени до ќорсокак. Во ова време единствено Словото Божјо може да ги утеши, да ги информира и да ги убеди во можноста за вечен живот. Словото Божјо пренесено преку интернет може да има исцелувачка моќ врз луѓето.

Создавањето на дигитални библиотеки со соодветна содржина може и треба да биде поттикнувано и умножувано. Наследството и мудроста на Светите отци, со нивните значајни текстови, треба да биде употребено колку што може повеќе, [и тоа] на најсовремен и најдобар начин. Дигитализацијата и категоризацијата на Светите отци овозможува корисниците на интернет да најдат текстови и информации за темите што го интересираат. Уште повеќе, дигитализацијата и промоцијата на Словото Божјо преку веб-сајтови, а особено учењата на Светите отци и Старците од дваесеттиот век, ќе биде на духовна полза на нашите современици.

Старец Ефрем Катунакиски велел: „О, каква штета што не можев да ги снимам изреките на старец Јосиф“. Знаеме дека секој збор кажан од опитните луѓе е вистинси важен за невидливата духовна борба. Св. Паисиј велеше: „Запишете ја секоја духовна поука што ќе ја слушнете, како и опитот за кој ви говорат другите, затоа што ќе дојде време кога овој опит ќе се исцрпи, и ќе имате духовен недостиг“. Навистина, минатите неколку години бројот на издадени книги со богословска тематика порасна, особено во Грција, но и во другите православни земји.

Но, за жал, има православни луѓе кои поради јазични ограничувања немаат пристап до овие вредни текстови. Згора на тоа, традиционалните книги, испечатени на хартија, се во криза. Истовремено, продажбата на електронски книги е во пораст. Оттука, може да речеме дека можеме да го искористиме овој тренд. Може да речеме дека сето ова е добро и Му е угодно на Бога, кога се прави исправно.

Интернетот е современа алатка која ја промовира глобализацијата. Оние кои сакаат да ги рашират нивните идеи за глобалната историја, глобалната економија, држава и лидер, знаат како да го користат интернетот – и навистина, тие го користат на високо ниво. Зошто тогаш и ние, православните, да не го искористиме овој инструмент за промоција на глобалната улога на православието? Зошто да не го употребиме за обединување на православните и нивната мисија во светот?

Правилната употреба на интернетот зависи од корисникот. Секако, интернетот не може да го замени живиот контакт. Секако, никој не може да се стекне со духовност единствено преку интернет. Православието е личносно. Многу се важно и основните вредности на личноста, на засебната личност. Интернетот е една алатка, еден инструмент, што ни помага и што го ползуваме. За верникот да води автентичен духовен живот, потребно е да има личносен контакт со неговиот духовен отец.

На ист начин, важно е да се има комуникација со другите браќа, за да се стекне опит во љубовта и да се учествува во сите црковни Таинства. Се разбира, постојат случаи кога прекумерната употреба на интернетот, дури и за добри и духовни цели, може да создаде зависност која ќе резултира со асоцијална изолација и штетни ефекти врз личноста на зависникот. Според тоа, интернетот може да има и негативни последици: наместо да Го доближи корисникот поблизу до Христа, може, напротив, да го оддалечи од Бога.

Затоа, ние ја носиме големата одговорност за промоција и ширење на Словото Божјо преку најкреативните, најкорисните и најсовремените методи – но, исто така треба да ги информираме верните како полезно да го употребуваат интернетот, ставајќи акцент на сите негативни ефекти што може да произлезат од неправилната употреба на оваа технологија. А ова е една од целите на нашата конференција, која за прв пат се одвива на меѓународно православно ниво. Голем благослов е што првата ваква конференција се одржува во нашата земја. Би сакал да им се заблагодарам на организаторите: онлајн магазинот „Пемптусиа“ и рускиот портал „Богослов“. Нашиот манастир секогаш и со многу љубов и интерес ја поддржува работата на Институтот „Св. Максим Гркот“. Се надеваме дека оваа конференција ќе биде во можност да се соочи со предизвиците на современиот свет, и дека сите учесници ќе ги користат овие нови технологии и интернетот за нивна духовна полза.

Христос воскресна! Ви благодарам.

Старец Ефрем Ватопедски

Извор: „Тавор“ бр 7