Празникот „Собор на светите седумдесет апостоли“ бил востановен во Православната Црква за да ја покаже рамночестноста на секој од седумдесетте и со тоа да ги спречи расправиите околу нивното почитување. Нив ги избрал Господ Иисус Христос, за да го благовестат Евангелието по сета земја.
Повеќето од имињата на апостолите од седумдесетте не се наоѓаат во Новиот Завет, а се познати од Светото Предание. Исклучок се имињата на првите седум ѓакони кои биле избрани од дванаесетте апостоли (Дела 6,1-6) и имињата на апостолите од седумдесетте, кои се спомнати во апостолските посланија. Сепак, тие никаде не се наречени апостоли.
Евангелистот Лука соопштува дека Господ „избрал и други 70 ученици и ги испратил по двајца пред своето лице во секој град и место, каде што самиот сакал да отиде.“
Како што пишува Евсевиј, епископ на Кесарија Палестинска: „Имињата на апостолите на Спасителот секому се познати од Евангелието; но никаде нема никаков список на седумдесетте ученици. …Откако ќе размислиш, ќе видиш дека Христос имал повеќе од седумдесет ученици.“
Имињата на седумдесетте апостоли во Новиот Завет не се запишани. Списокот со седумдесетте апостоли, кој се наведува во православниот месецослов, бил составен во V-VI век. Во седумдесетте апостоли преданието ги вбројува евангелистите Марко и Лука, а исто така, во соборот на „седумдесетте апостоли“ били вброени многумина кои биле обратени во Христијанството подоцна (воглавно, ученици на апостол Павле) заради нивните големи мисионерски трудови.
Многумина од лицата, вклучени во списокот на 70-те апостоли, не спаѓаат во 70-те ученици кои ги избрал Исус, бидејќи нивните имиња првпат се спомнуваат во подоцнежните книги на Новиот Завет (на пример, за обраќањето на Варнава соопшутва книгата Дела апостолки (Дела 4,36-37), Аполос дошол од Александрија за време на патувањата на апостол Павле (Дела 18,24-25), апостол Павел го обратил Онисим во Христијанство (Флм. 1,10) и др.). Тоа што и тие се вбројуваат во 70-те ученици кои ги избрал Христос, значи дека Црквата во нивното служење видела продолжение на мисијата, за која Исус ги испратил 12-те и 70-те апостоли.
Врз основа на Светото Писмо, преданието на светите отци и на творбите на древните црковни автори е определен соборот на благовестителите кои Црквата ги чествува на 17 (4) јануари како Собор на 70-те апостоли:
Јаков Праведен – брат Господов; Марко евангелист; Лука евангелист; Клеопа – брат на Јосиф Обручник; Симеон – син на Клеопа; Варнава; Јосиф или Јосија – нарекуван Варсава или Јуст; Тадеј; Ананија; Стефан архиѓакон; Филип; Прохор; Никанор; Тимон; Пармен; Тимотеј; Тит; Филимон; Онисим; Епафрас; Архип; Сила; Силуан; Крискент или Криск; Крисп; Епенет; Андроник; Стахиј; Амплиј; Урван; Наркис; Апелиј или Апел; Аристовул; Иродион или Родион; Агав; Рут; Асинкрит; Флегонт; Ерма; Патров; Ермиј; Лин; Гај; Филолог; Лукиј; Јасон; Сосипатар; Олимпан или Олимп; Тертиј; Ераст; Куарт или Кварт; Евод; Онисифор; Климент или Клим; Состен; Аполос; Тихик; Епафродит; Карп; Кодрат; Марко – тој е и Јован; Зина; Аристарх; Пуд; Трофим; Марко – внук на Варнава; Артема; Акила; Фортунат; Ахаик.
Св. Димитриј Ростовски внел во списокот уште 2 имиња: Дионисиј Ареопагит и Симеон, наречен Нигер.
Во грчките Менологии (Синаксар на Никодим), во 70-те апостоли се вбројуваат и Евул и Нимфан.
По Слегувањето на Светиот Дух апостолите проповедале во разни земји. Некои, како светите евангелисти Марко и Лука, биле сопатници на апостоли од 12-те, Тимотеј – соподвижник на свети апостол Павле, ученикот на св. евангелист Јован Богослов – св. Прохор, и други. Многумина од нив биле затворани заради Христа, многумина примиле венец со маченичка смрт.
Соборниот спомен на седумдесетте апостоли во Православната Црква се твори на 4 јануари (по јулијанскиот календар). Секој од седумдесетте апостоли има и посебен празник. Во древните месецеслови овој празник ретко се сретнува.
Превод: Презвитер Антониј Петрушевски
Извор: http://www.pravmir.ru/cerkov-prazdnuet-sobor-70-ti-apostolov/