Спор околу џамија-црква ги подели жителите во едно грузиско село

"Спор околу џамија-црква ги подели жителите во едно грузиско село"

Спор околу тоа дали една градба во јужна Грузија е џамија или црква го поделило локалното население во селото Мокхе. Според многумина, главниот виновник за новонастанатиот конфликт е неажурноста на локалните власти. Во основа на проблемот лежи една џамија од 1927 година, која со доаѓањето на советските власти била присвоена и пренаменета во согласност со атеистичкиот режим. Денес, кога Грузија го напушта претходното државно уредување, муслиманите бараат да им биде вратена џамијата. Истовремено, христијанското население тврди дека џамијата во 1927 година била изградена врз темели на православна црква, и оттука полагаат право врз имотот. Најгласен е Акхалцикскиот Митрополит Теодор, кој тврди дека на таа локација претходно имало изграден манастир и конаци.

Обид за решавање направиле локалните власти, носејќи одлука објектот да биде пренаменет во библиотека. Испратените градежници кои требале да започнат со изградба биле спречени од страна на локалното муслиманско население, кое насилно извршило упад на местото, при што биле уапсени повеќе демонстранти.

Во случајот се вмешал и грузискиот Премиер, г. Иракли Гарибашвили, кој на прес-конференција изјавил дека пренамената на објектот во библиотека би било најдобро решение, затоа што муслиманското население од тоа село веќе имало една џамија во која слободно и непречено може да ги извршува своите верски обреди.

Истовремено, локалното население, без разлика дали се работи за христијани или муслимани, сведочи дека за прв пат во нивното село се јавила подвоеност и меѓусебните односи се загрозени. Леван Реквиашвили, христијанин, изјавил дека во минатото никогаш немале лош однос со нивните соселани-муслимани, но дека после ваквиот конфликт нештата се изменети. Неговата изјава ја потврдил Темур Микеладзе, локален муслиман, кој додал дека сите се обидуваат да го премолчат фактот дека помеѓу двете заедници се појавува невидлив ѕид. Од 66 домаќинства во селото, една третина се православни. Христијаните се дополнително гневни поради фактот што во нивното село нема православна црква, и принудени се да патуваат во соседното село за Литургија.

Спорната локација во моментов е обезбедувана од полицијата. Властите планираат да консултираат тим на историчари, археолози и архитекти за да добијат информации за потеклото на верскиот објект, но и препораки за идната употреба на истиот.

Извор: Православие.ру