Средба на Рускиот Патријарх Кирил со Претседателот на турскиот Дијанет

"Средба на Рускиот Патријарх Кирил со Претседателот на турскиот Дијанет"

Неговата Светост, Патријархот Московски и Руски Кирил, остварил средба со проф. д-р Мехмет Гормез, Претседател на Комисијата за религиски прашања на Турција. На средбата присуствувале и турскиот амбасадор во Русија, Н.Е. г. Умит Јардим и неговите советници г. Мехмет Кираз и д-р Дурсун Ајгун, како и заменик-претседателот на Одделот за надворешни црковни работи на Московската Патријаршија, протојереј Николај Балашов и архимандритот Филарет Булеков.

На средбата биле разгледани прашањата на верскиот туризам и размената на студенти, а Патријархот предложил редовно да се одржуваат вакви средби, но и агендата на истите да биде проширена. Тој нагласил дека односите со исламскиот свет и другите религиски групи кои стојат зад богодадениот морал треба да бидат зацврстени.

На крајот, Свјатејшиот Патријарх ја изразил неговата длабока загриженост поради христијанофобијата што се шири на Блискиот исток: „Растревожени сме поради развојот на состојбите во Ирак, Сирија и некои други земји во кои милитанти убиваат христијани. Христијанското население во северен Ирак значително е намалено; се уништуваат црквите, христијаните се убиваат и продаваат како робови, или пак се принудени да примат ислам, а ако не го сторат тоа, им се наложува данок.“ Бил разгледан и случајот со двајата киднапирани христијански митрополити во април 2013. Според Рускиот Патријарх, последица на ваквите дела на радикалните структури е демонизацијата на исламот во очите на светската јавност.

Извор: Московска Патријаршија