В сабота ќе се осветат темелите на црквата на св. Николај во Њујорк

"В сабота ќе се осветат темелите на црквата на св. Николај во Њујорк"

Чинот на осветување на темелите на црквата „Св. Николај“ лоцирана на местото каде што се наоѓаа кулите-близначки од Светскиот Трговски Центар на Менхетен (Њујорк) е закажан за в сабота, 18 октомври 2014 г. точно на пладне. Покрај осветувањето на темелите, ќе биде отслужена и Доксологија и парастос на жртвите во терористичкиот напад од 11 септември 2001 година. Малечката црква посветена на св. Николај, изградена во 1916 г. од страна на грчката дијаспора во САД беше целосно срушена со уривањето на Јужната Кула од СТЦ. Новата црква, пак, е изградена на неколку метри од темелите на претходната, спроти меморијалниот центар 9/11.

Неговото Блаженство, Архиепископот Американски г.г. Димитриј ќе началствува на овој историски настан, во сослужение со јерарсите од Свештениот Синод на Грчката православна архиепископија во Америка. На чинот ќе присуствуваат и њујоршките градски власти, претставници на извршната власт од Њујорк и Њу Џерси, претставници од другите верски заедници, членови од семејствата на жртвите, претставници од архиепископските тела и организации и голем број православни Христијани.

Извор: Грчка православна архиепископија во Америка