Кога пееме „вечен спомен“ (вечнаја памјат) на крајот од помените и погребите, честопати погрешно претпоставуваме дека се молиме овој спомен на покојните да биде сочуван на земјата, и тоа не само меѓу ближните на покојните, туку и кај многуте поколенија после нив. Од друга страна, пак, оваа прозба не е насочена кон ближните на упокоените, ни кон самите покојници, ниту има некаква смртна цел, туку е насочена како молитва кон Бога, Кој е вечен, а во име на покојникот.
Еден ден апостолите дошле кај Христа и со радост рекле: „Господи, дури и демоните ни се покоруваат во Твое име“. Христос им одговорил: „Не радувајте се на тоа, дека духовите ви се покоруваат, а радувајте се, што се имињата ваши напишани на небесата“ (Лк. 10, 17, 20). Со други зборови, Христос им рекол на Своите апостоли да не се радуваат на нешто овоземно што не учествува во нивното спасение, туку да се радуваат на фактот што нивните имиња ќе бидат вечно запомнети во Царството Небесно. Нивните имиња се запишани во она што во Библијата вообичаено се нарекува „Книга на животот“. Ова е најдобро прикажано во Параболата за Лазар и богатиот. Сиромашниот Лазар по смртта се нашол во Божјото Царство, и неговото име добило вечен спомен, додека бедниот богат човек се влечел во Адот, крајно безимен. А името на еден човек е негов идентитет.
„Вечен нека е споменот“ е исто како да речеме „Бог секогаш да си спомнува за тебе“. Црквата ја кажува оваа молитва за покојниците да „продолжат“ да бидат во Божјото сеќавање. Зашто, ако Бог „нè заборави“, ако ни рече „Никогаш не сум те познавал“ (Мт. 7,23), ние духовно ќе исчезнеме. Но, ако Тој се сеќава на нас, тогаш – како разбојникот на Крстот кој од Христа побарал да си спомне за него, и ние вечно ќе живееме со Него во Рајот.